Ова е многу стар рецепт за парени колачи, карактеристичен за Преспанскиот регион. Не го знаев точно името, па затоа јас ги нареков бувовски очи, оти некако кога ги видов првпат ми заличија на очи од був. Ваквите колачи, секогаш ме потсетуваат на нашите баби кои овие колачи на времето ги правеле за големите празници и слави, затоа што во тоа време, шеќерот бил луксуз за да си доволиш да го имаш секојдневно.
Постапката оди вака
1. Подготовка на тестото
Во тенџере на оган, измешајте ги маслото и водата и на умерен оган зовријте ја течноста (јас тоа го правев на седум ипол јачина од 12). Нека вријат и се направат меури, отприлика околу 5 минути. Потоа, тргнете го тенџерето од оган. Постепено додавајте го брашното кое претходно ви е измешано со прашокот за печиво. Мешајте со лажица, а потоа од кога ќе се замлачи, месете со рака. Треба да добиете мрсно тесто, по структура како пластелин (види слика подоле). Потоа, ставете го тестото во фрижидер комплетно да се излади.
2. Подготовка на фил
Попарете ги мелените ореви со жешката вода и додајте го какаото. Измешајте се заедно, треба да добиете густа смеса како паста. Постепено додавајте од жешката вода, не наеднаш.
3. Правење на колачите
Изладеното тесто, поделете го на три помали дела. Од секое делче, расукајте правоаголна кора. Нежно притискајте со сукалото, затоа што тестото е меко и лесно се дели. Врз кората намачкајте од филот, па формирајте ролат. Потоа, сечете го ролатот, такашто ќе правите триаголници (видете дополнителна слика). Колачите, редете ги на подмачкан со масло плех, па печете ги во претходно загреана рерна, на 170-180 степени, околу 25минути, или додека не се исушат добро и не заруменат.
4. Шербет
Во тенџете на оган, налејте го шеќерот со водата, па мешајте со лажица за да се растопи шеќерот. Откако ќе почне да врие, вријте се додека не се згусни и не се направи густ сируп. Оставете шеребетот да се подизлади. Во млакиот шербет, топете ги ладните колачи. Со преостанатиот шербет, полијте ги од горе со лажица. Оставете ги прво на едната страна да остојат во шербетот, а потоа преметнете ги со врвот да бидат во шербетот. Оставете да преноќат.
Потоа, рамниот дел брцнете го во мелени ореви.
Од оваа доза излегуваат околу 35 колачиња.
На здравје!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови