Предходната торта која ја подготвував со декорација Минион, ја работев со локум и не бев многу задоволна од тоа како се работеше, особено затоа што одкако одстоја во фрижидер неколку часа, цела овлажни и почнаа да се мешаат боите.
Затоа се решив да користам др смеса да декорација, која ќе биде постабилна.

Белата чоколадна смеса, одлично се работи, убаво се меша со бои и најбитно, горниот слој со стоење се засушува, не навлажнува и боите остануваат стабилни дури и на собна температура. Остатокот од тортата се сечеше наредниот ден и сеуште декорацијата беше одлична. Затоа, моја препорака е да се користи оваа смеса за декорација.

Белата чоколада се топи на пареа. Користете квалитетна бела чоколада, за да немате проблем при работа со неа. Сепак белата чоколада е поспецифична од темната и затоа е потребно да биде добар квалитет.
Одкако ќе се растопи се додава 1 лажичка вода, убаво се промешува и потоа се додава медот.
*Ако користите планински или боров мед, смесата ќе потемни, но нема да има проблем, бидејќи потоа ќе обели со шеќерот во прав.
*Јас користев мед, вие ако сакате можете да користите и гликозен сируп. Диана има супер рецепт, кој го имам пробано. 

Смесите убаво ќе се спојат и се тргаат од пареа.

На работна маса се става поголема количина шеќер во прав и врз неа се истура смесата од мед и чоколадо и повторно наросуваме со поголема количина шеќер во прав. Пополека месиме, пазете да не се изгорите од температурата на чоколадото. Ако имате шпатула, подобро работете со неа. Додаваме шеќер во прав, онолку колку што е потребно за да добиеме чоколадна маса која ќе биде средно мека, нелеплива и идеална за расукување, обликување и декорација.

Ако ставате бои во смесата, растварајте ги со што е можно помалце вода, на пр. 1 капка вода, боја во прав и додадете во чоколадната маса, додадете уште шеќер во прав и месите додека да се изедначи смесата. Ако користите течни бои, мора да се стават повеќе капки, но повторно додавајте шеќер во прав, за да се добие убава смеса.

Се надевам дека овој рецепт ќе ви помогне во иднина да направите прекрасни декорации за вашите торти и колачи.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови