Во еден разговор разбрав за ваков вид на баклава, но искрено бев скептик, каква би била баклава со таков шербет. Меѓутоа кога неодамна ја пробав на гости, бев пријатно изненадена. Топло ви ја препорачувам. А, тебе тетка Данче многу ти благодарам за рецептот.

Најнапред се ставаат шеќерот со водата да се растворат. Убаво се меша. Цело време додека се подготвува баклавата, се печи, одвреме-навреме се промешува шербетот. Треба целосно шеќерот да е растопен за полевање.

Во голем намрсен плех 32 на 39 цм се започнува со редење на корите.
Најпрво се ставаат 5 кори една врз друга. Па се става од мешавината на ореви и лешници. Потоа 2 кори, па фил.Така додека се потрошат сите кори и мелените ореви и лешници. Најгоре се завршува со 5 кори.
Се сечи баклавата по желба. Јас прво на квадрати, па на триаголници.

Маргаринот се растопува заедно со маслото и со топла мрснотија се полева со лажица, постепено, рамномерно готовата баклава.

Се става да се печи во загреана рерна. Прво на 180 степени, додека порумени, а потоа се намалува на 150 и вкупно време на печење е 1 час.

После тоа време се вади баклавата од рерна и рерната се исклучува.
Жешката баклава се полева со кутлача, малку по малку со шербетот.
Се враќа повторно баклавата во исклучената рерна уште 10 мин..

После се остава баклавата убава да се излади, па се послужува.
На здравје!

Во врска со шербетот.
Целосно се растопува шеќерот, па се полева.
Веднаш се впива целата количина течност.
Баклавата е цела водена да речам, но не како другите баклави да има во тавата многу шербет.
Многу е вкусна за јадење, лесна, не е многу блага.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани