Фини и ароматични колачиња кои се топат во уста. Лесни и вкусни, прекрасни се за секаква пригода, посебно за во празничниот период кој претстои. Јас им се израдував како дете, повеќе затоа што во нив веќе го испробав портокал шеќерот на Бетина, кој беше прекрасен (не дочекав да помине една недела), а и затоа што многу ми се погодија и мирисаа прекрасно и додека ги работев и додека се печеа.
Ќе им се израдувате и вие и дечињата, а и ќе придонесат за убава и топла атмосфера во домот. Се надевам ќе ви се допаднат, а еве ја подготовката.
1. Маргаринот кој треба да е омекнат, го матиме пенесто со шеќерите.
2. Кората од портокал ја рендаме кон смесата.
3. Промешуваме уште еднаш, а потоа додаваме брашно додека да добиеме погодна смеса за сукање, не многу тврда, која што не се лепи за раце. Додаваме и мелени бадеми, па уште еднаш премесуваме за да го добиеме конечното тесто.
4. Го виткаме со растеглива фолија, а потоа го ставаме во фрижидер, околу половина час.
5. Потоа, тестото го делиме на 2 дела, расукуваме кори и со саканите форми вадиме колачиња.
6. Готовите колачи ги редиме во плех и ги ставаме да се печат во загреана рерна на 180 степени, додека малку не поруменат, околу 10 минути.
7. Откако ќе се изладат малку, се валкаат во шеќер во прав, и се лепат со мармалад.
8. Потоа се ставаат во фрижидер или во постудена просторија за да се стегнат добро.
*Од дел од тестото јас направив и глазирани колачиња (без мармалад), кои ми беа за подарок, и може да ги видите спакувани на дополнителните фотографии. Ги глазирав со стопено бело чоколадо и украсни трошки за декорација.
*Бадемите повеќе доминираат на вкус во колачите ако пред да се сомелат се потпечат 5 минути во плех на хартија во слабо загреана рерна. А може да се заменат со ореви или лешници.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови