Традиционални домашни чварки и свинска маст
Состојки
- За чварките
- по потреба/желба свинска сланина
Подготовка
Еве ме и мене со 100тиот рецепт во мој стил ТРАДИЦИОНАЛНО, СТАРИНСКО и НАШЕ!
Мислев ќе се случи кога ќе имам 97-98 години, ама дојде троа порано, за 34ти роденден =))
Лесно било, само требало да си смислуваш рецепти, требало да отвориш стар кувар од 1976, да ги отвориш старите тефтери од мајка и баби....лесно било, ама требало некој да ме мотивира за тоа.
На цела среќа ве имам вас тука, моите пријателчиња од кујната и тимот на МоиРецепти.
Во едно интервју за списание ме прашаа што ме мотивира. Пишував, пишував, пишував и изгледа претерав со пишувањето, па не го објавија, затоа ќе ви го поставам тука, да знаете колку ми значите
3. Од кого ги учеше кулинарските тајни?
- Е ТОА! Во семејството имав прекрасни луѓе, извонредни готвачи. Моите две мили баби, Ленка и Славка и мајка ми Јагода. За жал, немав многу време да научам многу работи од нив, освен дека кога готвиш треба да биде со љубов. Љубовта е тајната состојка. Шшшшш, никому ни збор дека сум ви ја кажала тајната :)
Ќе ја искористам оваа прилика со целово мое срце да им се заблагодарам на моите пријателки, готвачи од страната моирецепти.мк, да им кажам благодарам за рецептите, благодарам за сите објаснувања со кои сум ве гњавела, благодарам за трпението, коментарите, благодарам што ми ја вративте љубовта кон готвењето, се радувавте на моите радости, славевте и правевте мекици за нив, ви благодарам што ми помогнавте мојот среќен дом да биде уште поисполнет <3
Ете така. Од кога ви објаснив што сте ми во животов, да продолжам со 100тиот рецепт :)
Подготвката на чварките и свинската маст се одвива паралелно. Додека чварките се пржат, пуштаат маст. Таа е маста што се користи за готвење.
Работата е лесна, но во зависност од тоа колку сланина ќе имате, може да одземе повеќе време.
За добри чварки и маст, потребна е квалитетна сланина. Пожелно е да е од домашно и хигиенски одгледано свинче, за да нема непријатни мириси.
Секој добар месар, без проблем ќе ја одвои сланината, вам ви преостанува само да се фатите за работа.
Во нашиот случај сланината беше без кожа, но вие доколку сакате можете да ја оставите кожата.
Сланината се сецка на парчиња. Пожелно е да се од прилика со големина 2х2. Ако парчињата се премали, ќе се стопат при пржењето, ќе бидат премалечки. Не е тоа ништо страшно, пак ќе се лесни за конзумирање, целото објаснување е за да се добијат чварки, малку полични на изглед.
За да ви оди полесно сецкањето користете остар нож, НЕ ПРИТИСКАЈТЕ додека сечете, само со врвот на ножот нежно повлекувајте преку површината. Ние на Делимано универзалниот нож, МАСТА му ја извадивме =))
Феноменално си ја заврши работата. На дополнителните фотографии, ќе видите како јас сечев. Поставена е таа фотографија за да ви олесни подготовка. Со ножот повлекувајте преку сланината, а со прстите одвојувајте ја сланината за да не заглавува ножот во сланината. Многу олеснува таа мала финта. Се штеди и време и енергија.
Големо олеснување при сечење ќе биде ако сланината е ладна и стврдната.
Затоа нека стои во фрижидер или ладна просторија и земајте дел по дел за сецкање.
Кога е на собна температура, сланината е мека и лизгава, а тоа го отежнува сецкањето.
Чварките можат да бидат од чиста сланина, но можат и да имаат меснат дел. Тоа е прашање на вкус. И за овој избор не можете да погрешите, бидејки подготовката е иста.
Во садот во кој што ќе ги приготвувате чварките ставете малку вода на дното за да не се залепат чварките пред да почнат да се топат. Не грижете се, водата ќе си испари во текот на подготовката.
При пржењето чварките ќе се топат, ќе пуштаат маст и до крајот на пржењето веќе ќе пливаат во маст. (дополнителна фотографија)
Чварките се пржат на тивок оган и се промешуваат од време на време. Се пржат се додека вам ви одговара, значи по вкус, да заруменат повеќе или помалку. Не можете тоа да го утнете.
Исто така пржењето се однесува и на тоа колку маст сакате да ви остане.
Ние дома многу приготвуваме со свинска маст и затоа ги пржиме подолго.
Како што реков, пржењето е прашање на вкус. Ние ги пржиме до светло златна боја. Наши познаници ги пржат до потемна боја, да се формира коричка и да крцкаат при јадење. Двата начини се правилни.
На дополнителна слика имаме мерено на колку сме ги пржеле. Температурата е 100 степени. Маста не прскаше, немаше дим и непријатни мириси. Затоа го фотографиравме термометарот.
Кога ќе сметате дека чварките се готови, со лажица решетка вадете ги од маста и ставете ги во цедалка (оние големите за зеленчук). Цедалката ставете ја во тавче(послужавник ил сл), вишокот маст да се собира во тавчето.
Кога ќе се подоладат спакувајте ги во кесички, количина по желба и можете да ги замрзнете. Нам така ни стојат и се потполно исти како денот кога сме ги смрзнале.
Потрудете се да ги спакувате млаки, бидејки кога ќе се оладат се врзуваат едни за други, па се за нијанса потешки за пакување, а и ќе се кршат.
Или оладете ги растурени на голема површина за да не се врзат (залепат) едни за други.
Втора опција за чување на чварките е да ги чувате во маста во која се топеле и да вадите по потреба.
Ставете ги чварките во садот во кој што сакате да ги чувате и залејте ги со маст додека да ги покрие. Маста ќе се стврдне и ќе ги конзервира.
Ние вториов начин не го практикуваме бидејки ни е покомплициран. Повеќе маст има со чварките при користење, а и ние маста ја користиме во исхраната, па ја пакуваме посебно за да ни биде лесно достапна.
Чварките се готови, на ред е маста.
Во принцип маста додека е топла само се преточува во садот (садовите во кои што сакате да ја чувате, може да е канта, може да се тегли, што и да ви одговара). Доколку сакате да е малку почиста, има една мала финта.
Оставете ја маста да се олади до следниот ден. При ладењето малите парталчиња ќе се наталожат на дното. Следниот ден стопете ја повторно, БЕЗ МЕШАЊЕ, без мрдање. Кога ќе се стопи само одцрпувајте од горниот дел и сипајте во садот во кој што ќе ја складирате.
Можете и да ја сипате преку газа и цедалка, но нам овој начин сега за сега ни е најпрактичен. Во одцрпената маст нема парталчиња, па можеме да ја користиме за подготовка на слатки работи. Маста од дното, таа со парталчињата може да се користи за солено или во нашиот случај да се омрсат и четриножните деца, да лаат погласно, да се знае која куќа јаде мрсно =)))
Како што реков, ние маста ја користиме во секое јадење место масло, путер или маргарин. Не за бомбици или кремови, туку за теста. Да се разбереме како што треба.
Пржиме на маст, ја ставаме во тесто за палачинки, тестести и суви колачи и сл. Никој до сега не забележал. Не дека подметнуваме, туку од хигиенски и здраво одгледано свинче, маста нема непријатни мириси поради кои сите ја одбегнуваат.
Комбинација од соништата е чварки со кцана сол, кајзериците на баба Славка и некое парче домашно сирење.
Чекајте ме со 200ти рецепт, ајм он фајррррр!!! =))