Корнфлекс карамел торта
Состојки
- околу 150 гр корнфлекс
- 100 гр сечкани потпечени ореви
- 10 гр желатин + 3 лажици вода
- 450 гр кисела павлака
- За карамелот
- 250 гр шеќер + 50 мл вода
- 60 гр путер
- 100 гр кисела павлака
- За прелив
- 80 гр чоколадо
- 20 гр путер
Подготовка
Би сакала да ви предложам една многу интересна и невообичаена торта без печење, која не е многу блага како класичните торти и е спој на слатко, крцкаво и освежително во исто време, поткрепено со нота арома на карамелот.
Толку брзо и лесно се прави, а е толку примамлива, дури и после секое залаче.
Подготовка
1. Најпрво се спрема карамелот.
Во тенџерче на рингла го ставаме шеќерот и водата да вари додека се карамелизира.
2. Го тргаме од рингла и го додаваме путерот на мали парчиња. Мешаме да се стопи, па ја додаваме киселата павлака и мешаме до соединување.
Враќаме на рингла уште некоја минута додека испари течноста од павлаката и се добие густина.
3. Кршените или сечкани ореви ги ставаме во мал сад и во него додаваме околу 4-5 лажици од карамелот, толку колку да ги соедини.
Ги ставаме како подлога во мал калап за торта. Мојот беше 18, но попогоден за оваа доза би бил 16, за тортата да добие поголема висина и поубава видливост на слоевите.
Со чаша или толчник ги набиваме и рамниме убаво.
4. Останатиот карамел го оставаме да олади со повремено мешање, а за тоа време го мешаме желатинот со водата и оставаме да желира, па по 10на минути го растопуваме да стани течен.
5. Карамелот го додаваме во киселата павлака, мешаме да се соедини, па го додаваме и желатинот и повторно убаво мешаме.
6. Врз подлогата од ореви покриваме со солој корнфлекс, врз него премачкуваме од филот и така во редослед од по 3 слоја, односно додека не се потроши материјалот. Најгоре завршуваме со тенок слој корнфлекс убаво прилепен врз филот.
Оставаме преку ноќ во фрижидер пред да послужиме.