Wichtel-Божиќни колачиња
Состојки
- Шеќерна глазура
- 120 гр шеќер во прав
- 1 лажица сок од лимон
- 2-3капки вода
- Други потребни состојки
- 1 паковка фломастери од прехрамбени бои
- 1 паковка прехрамбени бои за фарбање на глазурата
- Состојки за колачите
- 200гр брашно
- 70гр бадеми
- 150гр путер
- 2 жолчки
- 80гр шеќер во прав
- 1 кора од лимон
Подготовка
Вихтел се мали суштества или како што браќата Грим ги нарекуваат џуџиња во нивните приказни.
Како што успеав да изгуглам,во Данска и во другите скандинавски земји како и во Германија, дел се од пред-Божичната традиција во семејствата. Ги има во вид на играчки, декорации и слично пред Божиќните празници. Го нарекуваат Божиќен елф, облечен со црвено капче и црвени чевлички.
Го најдов рецептот на една страна, па сакав да го направам и споделам овде.
Состојките се точни до грам, па затоа го препорачувам и на сите кои за прв пат ќе се осудат да прават колачиња.
Подготовка:
1. Во длабок сад ставете ги сите состојки и замесете убаво тесто. Месете нека се изедначи смесата.
Завиткајте во најлонска фолија и ставете 1 час да се излади во фрижидер. Одмотајте ја фолијата и вадете го тестото од неа.
2. Расукајте кора на работната маса, па вадете фигури со модлата. Малите човечиња редете ги на хартија за печење. Печете околу 10 минути на 180 степени. Кога се печени, оставете да изладат.
3. За тоа време спремајте ја глазурата. Во шеќерот во прав додајте неколку капки вода и сокот од лимон. Полека разматувајте да добиете убава мазна смеса,со која ќе ги украсувате колачите. Прво поминете ги цели со бела боја, а потоа разделете си ја смесата и додајте си прехрамбена боја. Во мојот случај тоа беше црвена боја. Украсете ги и оставете ги да се засушат.
4. Штом се исушат, земете ги фломастерите од прехрамбена боја, па поминете ги од страните и цртајте по желба. Оставете добро да се засушат колачите, па складирајте ги во вашата омилена кутија. Нека доаѓаат празниците, полека се спремаме.
Нека ви е слатко.
*Забелешка - Јас од оваа смеса направив и еленчиња. Кутијата ја наполнив со овие два вида на колачи.