Солен колач (Јубилеен 500-ти рецепт)
Состојки
- Пандишпан
- 3 Јајца (големина Л)
- 1/2 м.л. Сол
- 125 мл Масло
- 375 мл Јогурт
- 1 Пециво
- 1 г.л. Густин
- околу 230 гр Брашно
- За премачкување - 150 гр Ајвар
- Фил
- 230 гр Кисела Павлака
- 125 гр Шунка (сецкана)
- 125 гр Кашкавал (рендан)
- по вкус сол
- За премачкување - 200 гр Кисела павлака + 100 гр Кашкавал (рендан)
- За декорација - кисела павлака, кисели краставички.
Подготовка
Како избор за овој мој јубилеен 500-ти рецепт се одлучив за овој солен колач, бидејќи мислам дека во пресрет на празниците кои ни следат, овој рецепт ќе биде добредојден како дел од празничната трпеза. Првенствено имав план да ви презентирам десерт, но во последен момент се одлучив за овој рецепт, имајќи предвид дека и претходните мои јубилејни рецепти се десерти.
Подготовка
1. Најпрво започнуваме со подготовката на пандишпанот. Во длабок сад ги миксираме белките со солта до згуснување (пенасто). Ги додаваме жолчките, миксираме до соединување. Сега ги додаваме течните состојки (јогуртот и маслото) миксираме. На крај постепено ги додаваме (претходно соединети) преку цедалка густинот, пецивото и брашното. Соединуваме нежно со шпатула до хомогенизирање. Густината на добиената смеса е како за класичен пандишпан.
2. Смесата за пандишпан ја ставаме во плех (од рерна) врз хартија за печење. Рамниме убаво и го ставаме да се пече во загреана рерна на 180 степени (јас печев 30-на минути, но проверете со чачкалица).
3. Испечениот пандишпан го превртуваме во друг плех, ја тргаме хартијата и го сечеме на пола. Двете половини (од страната на која беше хартијата) ги премачкуваме со ајварот. Врз едната половина од пандишпанот го нанесуваме филот и поклопуваме со другата половина (делот со ајварот да дојде од долната страна). Сега го враќаме колачот во плехот во кој печевме (врз хартија) и одозгора го премачкуваме со претходно соединети - павлака и крупно рендан кашкавал.
4. Го враќаме во рерната, 10-на минути на 180 степени, со уклучен само горен грејач, да се стопи кашкавалот. Испечениот колач нека олади на собна температура, па го ставаме во фрижидер (најдобро од вечер). Наредниот ден со остар нож сечеме на парчиња (јас со големина 2,5цмх5цм). Декорираме по желба, јас употребив кисела павлака и кисели краставички.
За крај сакам да се заблагодарам на сите верни читатели на оваа прекрасна страна, на тимот од МР и останатите членки на оваа страна (од која сум дел и јас, каде несебично споделувам рецепти од мојата кујна, подготвени со многу внимание и љубов) за целото нивно одвоено време, без кое оваа страна не би постоела.
На здравје!