Посен сочен колач (со мармалад и чоколадна глазура)
Состојки
- Користена чаша од 120 мл
- 6 чаши Брашно (просеано)
- 5 чаши Шеќер
- 2 м.л. Какао
- 1 м.л. Сода
- 1 чаша Ореви (сецкани)
- пола ќесенце Цимет
- 250 мл Кисела вода
- 2 чаши Масло
- За премачкување - неколку лажици мармалад од кајсии
- Чоколадна Глазура
- 100 гр Чоколадо (за готвење)
- 30 гр Маргарин
- 1 г.л. Масло
- За посипување - малку сецкани ореви
Подготовка
Ова е рецепт за сочен и превкусен колач кој се топи во уста. Подготовката за него е едноставна и брза.
1. Во длабок сад се ставаат најпрво сувите состојки - брашно, шеќер, какао, сода, ореви и цимет во наведените количини, соединуваме со лажица.
2. Посебно ги соединуваме маслото и киселата вода, и ги додаваме кај сувите состојки. Мешаме со жица за матење до убаво хомогенизирање на состојките. Вака подготвената смеса ја истураме во тавче број 26 (намрсено со масло, па набрашнето).
3. Печеме во загреана рерна на 180 степени (проверуваме со чачкалица кога е готов колачот). Врз топлиот колач веднаш нанесуваме мармалад и го оставаме да се олади. Откако ќе олади колачот, врз мармаладот ја ставаме чоколадната глазура, која се припрема со топење на пареа на наведените состојки. Се остава да се стегне глазурата, па послужуваме.
Забелешка - Јас користев мармалад од кајсии, кој е киселкаст, доколку користите поблаг мармалад, тогаш намалете малку од наведената количина на шеќер.
На здравје!