Свински раженчиња со пита лепчиња (јубилеен 600 рецепт)
Состојки
- Раженчиња
- 1 кг свинско месо од плешка
- 300 гр чадена сланина
- 1 лимон (само сокот)
- 2 лажици оригано
- 1 лажиче лук во прав
- 3 лажици сув кромид
- 3 лажици масло
- Пита лепчиња
- 350 мл топла вода
- 10 гр сув квасец
- 1 лажиче шеќер
- 1 лажиче сол
- 500 гр брашно
Подготовка
Се радувам на сечиј јубилеј исто како што се радувам и на мој. Не знам, посебно е чувството кога ќе достигнеш некој број на рецепти, подготвени со огромна љубов кон готвењето. Овде каде што се дружиме мене ми е прекрасно. Благодарност чувствувам кон целиот тим на Мои рецепти, но и кон сите вас од кои редовно учам. Ја искажувам оваа благодарност кон сите вас, затоа што, како што се вели, да не искажеш благодарност е исто како и непредаден, завиткан подарок.
Овојпат се одлучив за едноставни рецепти при обележувањето на јубилејот, исто од роденденската трпеза на мојот син.
Подготовка:
1. За раженчињата, исечете го месото и сланината на коцки со приближна големина. Ставете ги во некој сад и додајте ги зачините. Промешајте убаво, покријте го садот и оставете го неколку часа за месото да се маринира. Најубаво е ако мoжете да го оставите цела ноќ. Стапчињата за раженчињата потопете ги во вода, отприлика половина час, за да не ви изгорат во печењето. Печете на не многу силна скара по 7-8 минути од едната и од другата страна.
2. За пита лепчињата, квасецот растворете го во водата, додајте го шеќерот и малку брашно и оставете го да се активира. Додајте го брашното и солта и месете се додека не се добие еластично, меко, малку лепливо тесто. Во зависност од брашното може или да се додаде уште лажица-две или да се стави помалку. Затоа не го ставајте целото брашно одеднаш. Кога е готово намрсете го со малку масло одозгора и покријте го. Нека порасне. Со намрсени раце префрлете го тестото на работната површина, малку преклопете го и поделете го на 6 дела. Од секој дел формирајте топче, прекријте ги и оставете ги да одморат петнаесетина минути.
3. Ставете ја тавата на рингла, малку премачкајте ја со масло и загрејте ја на, не многу силна температура. Секое топче тесто со намрсени раце развлечете го, нежно притискајќи низ него и ставете го да се пече по 7-8 минути од страна. Ќе се појават кафеави дамки. Пита лепчињата чувајте ги завиткани во крпа до користењето.
4. Како прилог со раженчињата и пита лепчињата послужив и шопска салата со парчиња сирење, таратур, пржени компирчиња, тенко исечени, парчиња лимон и доста свеж кромид. Лепчињата ги исеков на четвртини.