Бел Египет (јубилеен 1000ти рецепт)
Состојки
- Фил 1
- 12 жолчки
- 750 мл млеко
- 80 гр путер
- 10лажици густин
- 200мл слатка павлака
- 100гр бела милка чоколада
- фил2
- 300мл слатка павлака
- 50 гр крем сирење
- 2лажици шеќер во прав
- 100 гр крупно мелени лешници
- Пандишпан
- 12 белки
- 12 лажици шеќер
- 3 лажици брашно
- 12лажици јадро мелени лешници
Подготовка
Со завршувањето на оваа 2021 година, јас завршувам со моите 1000 рецепти на оваа страна. Благодарност до сите членови, стари и нови пријателки, за несебичната поддршка овде. Нема многу да должам, само ќе кажам дека сум среќна што сум дел од оваа приказна. Ќе ве почастам со торта Бел Египет. Ајде да ви објаснам како ја спремив.
Подготовка:
1. Пред почетокот да напоменам дека јајцата треба да ви се на собна температура. 4 белки се матат, па се додаваат 4 лажици шеќер. Се додаваат 4 лажици печени лешници и 1 лажица брашно. Матиме со шпатула, да се соедини убаво смесата.
2. Така се прават 3 кори. Се префрла смесата во калап, кој е обложен со хартија за печење. Печеме 15 минути на 200 степени. Оставаме да се изладат сите три кори убаво.
3. Првиот фил го спремаме со жолчките. Додаваме густин и 10 лажици шеќер, ванилен шеќер и малку ладно млеко, па промешуваме. Млекото го ставаме во садот и го оставаме да се стопли. Кога е врело млекото, ги додаваме разматените жолчки, па вариме густ крем. Го тргаме кремот на страна да излади, додавајќи му ја белата милка да се растопи внатре. Промешајте, па покријте го со фолија да се излади.
4. 200 мл слатка павлака ја матиме со миксер. Во друг сад матиме маргарин. Го земаме изладениот фил со жолчките и само малку ќе го промешаме со миксерот. Во маргаринот го додаваме изладениов фил, а потоа и изматената слатка павлака. Мешаме убаво со миксерот.
5. Вториот фил - Ја матиме слатката павлака која остана. Во неа, кога е матена, додаваме крем сирење и шеќер во прав. Потоа ги додаваме и лешниците.
6. Филовите се спремни,тестата се готови, па одиме да филуваме. Ставаме една кора, па премачкуваме со првиот фил. Врз него ставаме од вториот фил и се така сите три дела. Од остатокот на филот ја премачкуваме цела торта, па ја декорираме со лешници. Нека се излади, па сечете. Тортата беше совршенство.
Ви благодарам за прекрасната дружба. Среќни празници,
На здравје.