Медени сусам-лешник триаголници
Состојки
- 4 г. л. рамни - 120 гр Мед
- 50 гр Шеќер
- 65 гр Путер
- 50 гр Чоколадо (за готвење)
- 50 гр Лешници (сецкани, јас ставив мелени)
- 50 гр Сусам (пропржен)
- 100 гр Плазма бисквити (мелени)
Подготовка
Во посна или мрсна варијанта (според потребите) за време на престојните празнични денови, еве еден предлог од мене за превкусно засладување, кое се прави за 15-на минути.
Подготовка
1. Најпрво го пропржуваме, на средна температура, сусамот во сува тава, со постојано мешање.
2. Потоа во мало тенџерче ги ставаме медот и шеќерот, мешаме додека да зоврие, и веднаш ги додаваме путерот и чоколадото, мешаме да се стопат. Сега ги додаваме пропржениот сусам, мелените плазма бисквити и мелените (или сецкани, по желба) лешници. Мешаме да се соединат состојките.
3. Добиената смеса веднаш ја истураме во триаголен калап, обложен со стреч фолија. Завиткуваме со стреч фолијата и рамниме убаво. Оставаме да се стегне во фрижидер (за побрзо во замрзнувач околу пола час).
4. После стегнувањето на смесата, со остар нож сечеме парчиња, кои по желба може и да се чоколадираат.
*Забелешка - Наместо лешници, по вкус може да употребите ореви (мелени или сецкани). За посна варијанта користете маргарин и посни бисквити.
На здравје!