Испечати

Пача (пифтија)

Пача (пифтија)

Состојки

  • 4 свински нозе
  • по желба свинско месо мрсно и со коска (ребра, кременадли, врат, потколеници и слично)

Подготовка

Однапред се извинувам за многу долгиов рецепт, но сакам убаво да опишам. Знам дека годинава сезоната за пача веќе поминува бидејќи непишано правило е пачата да се прави во време кога е кочан ладно, како што беше првата половина на февруар. Во нашиот дом подготовката на пачата е цел ритуал, особено што правиме големи количини. Поточно ја вариме во големото тенџере (шерпа) за ајвар, и излегуваат преку 20 тањири. Вие можете да си направите количина по желба. најважно е да има свински нозе и свинско месо со коска. Постапката оди вака:
1. Месото и нозете убаво се мијат и се сечат на парчиња. Внимавајте и коските да бидат искршени, од нив треба да излезе желатинот, клучната состојка која ја стврднува пачата. Се става месото во тенџере, се додава вода и се става да се вари. Уште едно важно правило е дека никако не смеете да притурате вода. Од почеток колку ќе ставите, тоа е.
2. Штом почне да врие, се лажица или со метална цедалка се собира целата пена што излегува. Со повремено промешување, се остава да се вари се додека не извријат две третини од течноста, а месото да почне да се распаѓа и да се оддели од коските. Во мојот случај, пачата се вари 10 до 12 часа, бидејќи како што спомнав станува збор за голема количина.
3. Кога се уверивме дека е доволно извриено, на ред е мајсторијата. Се одделува течноста од месото, низ ситна цедалка два пати се процедува и се собира во едно тенџере. Месото на страна дополнително се обработува, односно се отстрануваат сите коски, ковчиња, кожинки, мрсни делови. Да остане само чиста удина, која ја ситниме на парчиња и ја посолуваме. Ја посолуваме и течноста, и откако малку ќе подизлади, во неа ставаме толчен лук. И количината на лукот е по желба и зависно од количината на течност, во мојот случај 4 главици лук.
4. Чиниите во меѓувреме ни се подготвени и почнуваме со завршниот дел. Во чиниите ставаме течност и потоа во неа рамномерно го распоредуваме месото. И така колку што имаме материјал. Ги оставаме на ладно да се стврднат, во мојов случај на тераса. Кога ќе се стврдне убаво, заради полесно чување, јас ги поклопувам по две чинии една преку друга и ги тргам на страна во ладна просторија, бидејќи во фрижидер немам толку место.
И кога треба да се сервира, пачата со тенок нож се оддвојува од тањирот и се претура превртена во плитка чинија, со проѕирниот дел горе.

Со неа се пие ракија.