Чоколадно задоволство со вишни (јубилеен 1600 рецепт)
Состојки
- основа
- 2 белки
- 2лажици шеќер
- 3лажици мелен орев
- 1лажиче брашно
- Чоколаден мус крем
- 180гр црно чоколадо, 45% какао маса
- 250мл слатка павлака
- 2 жолчки
- 2лажици шеќер
- 1лажиче желатин
- 2лажици вода
- 150гр маскарпоне
- 1-2лажица шеќер во прав
- Желе од вишни
- 1 тегла компот од вишни
- 1-2лажица шеќер
- 2 пакетчиња желатин
- 70мл вода
- 1лажица ликер вишновка
- За декорација
- 100гр млечно чоколадо
- 100мл слатка павлака
- Кандирани вишни, мелен фстак, ливчиња маточина.
Подготовка
Да, еве одбележувам уште еден јубилеј на оваа страна, драги мои пријатели.
Рецепти безброј излезени и презентирани од мојата кујна...
Еве и денес подготвив превкусна торта, по моја интуиција.
Љубовта кон готвењето е мојата движечка сила.
Благодарност до МР и до сите оние кои одвоиле време да ги погледнат, прочитаат, приготват моите рецепти.
Користен е калап со обрач бр20
До колку ви е потребна поголема торта, состојките дуплирајте ги и подгответе ја во калап бр28.
Основа
Во вангличка ставаме 2 белки, матиме, па додаваме шеќер.
Кога пената е многу густа , додаваме мелени ореви и брашно.
Со шпатула ги соединуваме состојките убаво.
Смесата ја ставаме во калапот, во кој има ставено хартија за печење.
Печиме околу 10 минути на 180 с.
Оставаме кората да се подизлади, ја одстрануваме хартијата и кората повторно ја враќаме во калапот.
Сега го подготвуваме чоколадниот мус.
Во мал сад го ставаме желатинот и ладна вода, оставаме на страна да набабри.
Жолчките ги ставаме во мала касерола, додаваме шеќер и ги готвиме над пареа, при тоа постојано матиме со миксер.
Ги готвиме додека не се згуснат.
Сега во друга касерола ја ставаме слатката павлака да се загрее.
Во неа го додаваме искршеното чоколадо.
Смесата ја изедначуваме и оставме да се лади.
Во вангличка ги ставаме маскарпонето и шеќерот во прав и ги соединуваме со миксер.
Тука ги додаваме и двете, изладени жолчки, кои ги готвевме над пареа.
Соединуваме.
Го ставаме желатинот на тивок оган, да ја смени состојбата.
И него го додаваме кај маскарпонето.
Сега во танок млаз и со најмала брзина на миксерот го додаваме изладениот ганаш.
Матиме со миксер до посакуваната густина, никако не смее да се претворат состојките во путер, односно да добиеме густ крем.
Добиениот крем го нанесуваме врз кората во калапот.
Израмнуваме и оставаме во фрижидер околу 30 минути.
За тоа време го подготвуваме желето со вишни.
Во касерола ги ставаме течноста од теглата од компотот, шеќерот, вишновката.
Ставаме на умерен оган и оставаме да проврие се заедно 5 минути.
Желатинот го потопуваме со ладна вода и оставаме да набабри.
Во касеролата ги додаваме и вишните од теглата.
Оставаме така да одстои 15 минути.
Потоа со решетка лажица ги вадиме вишните и ги ставаме во чашата на нутрибулет.
Ги миксаме само некоја секунда за да добиеме мазен крем.
Во касеролата каде е течноста, ставаме една цедалка и низ неа ги поминуваме вишните, за да не случајно има некоја лушпа.
Кај мене беше потполно мазна структурата, но сепак постапив така,
Убаво промешуваме.
На тивок оган го растопуваме желатинот.
Го додаваме во касеролата со вишни.
Убаво соединуваме.
Ова желе од вишни внимателно го нанесуваме во калапот со обрач, врз чоко мусот.
Израмнуваме и оставаме во фрижидер 1 час.
На тивок оган во касерола ја ставаме слатката павлака да се загрее.
Го додаваме искршеното чоколадо.
Ја изедначуваме смесата.
Оставаме да се излади,
Потоа ја матиме со миксер.
Добиениот ганаш, го ставаме во готварски шприц и ја декорираме тортата.
Декорацијата ја завршуваме со кандирани вишни, мелени фстаци, ливчиња маточина.
Сечеме парчиња и дегустираме со најмилите....