Тарана од пченкарно брашно и гриз
Состојки
- 5 Јајца
- 330мл Млеко
- 330гр Гриз
- 200гр Пченкарно (Царевно) брашно
- 1м.л. Сол
- околу 750гр Брашно
Подготовка
Време е за правење тарана и јуфки, на тараната прво и дојде редот, здравје деновиве и јуфките следуваат. Рецептите на интернет за подготовка на тараната одприлика се слични, ама еве да го споделам и мојот начин на припрема.
1. Најпрво ги разматувам јајцата со вилушка, им го додавам гризот и така ги оставам 10-на минути да набабри гризот.
2. Потоа се додаваат останатите состојки, освен брашното, тоа го додаваме на крај и постепено, додека да замесиме тврдо тесто.
3. На почетокот додека може ги миксираме состојките, потоа месиме.
4. Веднаш го делиме тестото на 10 топчиња и рендаме на јадрата страна од рендето врз некој чаршаф.
5. Оставаме да се исуши тараната, па ја собираме во платнени или книжни кеси.
Ако не ви е проблем да работите со поголема количина на тесто и секако ако имате доволно простор каде да ја правите тараната, слободно може да направите поголема доза, кај мене просторот ме ограничува, па затоа правам по овие мерки на неколку пати.