Испечати

Сучена баклава

Сучена баклава

Состојки

  • За тесто
  • 1 јајце
  • 6 жолчки
  • 1 чашка млако млеко
  • 1 чашка масло
  • 2 лажици сок од лимон
  • 1 прашок за пециво
  • Прстофат сол и шекер
  • 1 кг брашно
  • За сукање
  • 200 -250гр нишесте
  • За полевање
  • 1 путер или маргарин
  • 1 чашка масло
  • За фил
  • 800 гр мелени или толчени ореви
  • За шербет
  • 2 кг шеќер
  • 4 ванилин шеќер
  • 1,5 л вода
  • Сок од половина лимон

Подготовка

Сучена баклава.... вистинско уживање и сладење за љубителите на шербетско благо. Веќе имам постирано тука еден рецепт за Дембел баклава уште како што се нарекува, но оваа е сосема поинаква по состав.Секоја убава на свој начин. Оргиналниот рецепт ми е од една многу драга другарка, Ќефсер ти благодарам од срце.))) Према моите потреби и вкус, јас го изменив оргиналниот рецепт и ја направив како што го пишувам рецептов сега. Топло ви ја препорачувам.

Подготовка
Од наведените состојки за тесто се замесува средно меко тесто.Убаво се меси. Тестото се дели на 6 дела. Од секој дел се вадат по 10 топчиња. Секое од 10 -те топчињата се макаат во нишесте и се сучат колку плитка чинија. Се редат едно врз друго, помеѓу се става нишесте. Од така наредени едни врз други корички се сучи една кора, со фрлање на нишесте. Значи добиваме 6 кори. Секоја кора се отвора на чаршав додека се изработат сите, со цел малку да се потсушат. Во намрсена тава со пречник од 42 цм. се редат корите. Прво се ставаат две кори, па дел од оревите. Трета кора-ореви. Четврта кора-ореви. Петта кора-ореви. Шеста кора. Се сече во сакана форма.Јас тоа го правам во вид на цвет. Па се полева со маснотијата. Путерот или маргаринот се топи и меша со маслото. Малку да здивне, па полека со лажица се полева целата баклава. Се остава да отстои така баклавата, некои 10-15 мин. убаво да се впие маснотијата. Се става да се пече во загреана рерна.Најпрво на најјако на 250 степени околу 15-20 мин., додека добие убава боја, па се намалува на 150 степени околу 30 мин., повторно се намалува на 100 степени и се пече уште 40-50 мин..Вкупното време на печење е од 1,30-1,45 час..Но, сепак тоа зависи од вашата рерна.Во две различни рерни ја печам различно. Важно е прво на најсилно да разлиста и запече, а потоа се намалува постепено додека убаво да изврие. Се остава да излади. Се започнува со подготовка на шербетот. Се ставаат водата и шеќерите да зовријат и штом зовријат се додава лимоновиот сок. Штом зоврие шербетот се намалува јачината на ринглата, да вари на умерена јачина (кај мене од 9-ка на 5-ка) околу 30 мин., т.е. додека шербетот ја добие потребната густина, не паѓа од ноктот.))) Се остава малку да здивне 10-на минути и се залева изладената баклава. Не се покрива со ништо одозгора додека убаво, потполно се излади. Нека отстои преку ноќ и послужете... На здравје!