Печена риба – пастрмка
Подготовка
Наједноставен начин за подготовка на риба, поедноставен ми се чини дека нема. На овој начин може да подготвите било која цела риба. Кај мене овој пат изборот беше - пастрмка. Рерната загрејте ја на 225 степени.
Решетката за печење ставете ја во горната третина од рерната. Во тавата во која ќе печете ставете малку зејтин, минимално колку да го покрие дното на тавата.
Магдоносот измијте го и одстранете му ги рачките. Лукчињата исчистете ги и исечете ги на четвртини.
Ако рибата е замрзната прво одмрзнете ја, потоа измијте ја под млаз ладна вода и исушете ја со кујнска хартија. Посолете ја внатре и од надвор. Најубаво со крупна сол. Рибите наполнете ги со лук и магдонос.Извалкајте ги убаво во брашно и редете ги во плехот.
Се печат од двете страни по 15 минути.
Напомена:
Секоја рерна различно пече, затоа надгледувајте го печењето. Можеби ќе треба да ја регулирате температурата или времето на печење да го продолжите/скратите.
Не ставајте многу зејтин во тавата, инаку рибате место да се испече ќе се вари во зејтин.
Рибата може да ја наполните со вашите омилени зачини.