Испечати

Симит погача

Симит погача

Состојки

  • За погачките
  • 500 гр брашно
  • 300 мл млака вода
  • 3-4 лажици оризово млеко во прав
  • 100 мл масло
  • 1 лажичка сол
  • 2 лажички шеќер
  • 1 сув квасец (10 гр)
  • За мрсната пита
  • 800 р брашно
  • 400 мл вода
  • 2 лажички сол

Подготовка

Ова е нашиот скопски специјалитет, кој се подготвува и продава само во Скопје. Се подготвува и во некој друг град во Македонија, Турција или во некој друг дел на светот, ама мајсторот што работи во таа бурекџилница е сигурен скопјанец, па од неговите раце излегува оваа мајсторија. Во Турција за да биде јасно што се продава на излогот од пекарата се рекламира како „ Скопска симит-погача“. Зошто ако побарате во Истанбул симид, ќе добиете ѓеврек !
Ќе кажете...тесто во тесто или леб во леб. Да, составот и е ист, а сепак различен и тие различности се споени во едно, при што се добива состав на полезност, ефикасност и комплементарност. Таа е одлика на скромност и задоволување со малку, претставува симбол на еднаквоста и подеднакво е достапна на секому.
Сакам да кажам дека симит – погачата е врвот на мултикултурата и затоа е создадена и продолжува да го претставува исклучиво нашиот град Скопје.

Подготовка
1. Оризовото млеко го раствораме во млаката вода. За погачките замесуваме тесто од сите состојки за тесто и го оставаме да стаса.
2. Откако ќе стаса тестото го размесуваме и од него правиме подебели кифли и тоа 8-10 кои ги мачкаме со масло и ги ставаме да стасаат околу 15-20 минути зависи од собната температура. За тоа време ја загреваме рерната на 220 степени.
3. Штом ќе стасаат ги печеме до поцрвенување. Кога ќе ги извадиме од рерна повторно ги премачкуваме со масло.
4. За мрсната пита замесуваме тесто и убаво го месиме едно 10 минути. Го делиме на 5 топчиња кои ги расукуваме и премачкуваме со масло. Ги оставаме да го упијат маслото 15 минути.
5. Потоа на чаршав тегнеме кора од едно кругче, внимателно, постепено за да не ни се скине кората, ги кинеме дебелките теста околу и ја попрскуваме кората со масло. Ја преклопуваме како плико и ја тргаме на страна. Големината треба да и биде отприлика како тавчето во кое ќе ја печеме.
6. Со следната кора истото го правиме со тоа што во нејзината средина ја ставаме свитканата прва кора и преклопуваме врз нејзе од втората исто како плик. Со третата исто, значи секојпат новосоздаденото пликче го ставаме во средина од новата растегната кора и на секоја кора и секое преклопување попрскуваме со масло.
7. Питата ја ставаме во намрсено тавче и ја оставаме 15 минути да отстои. Од стоењето сама од себе формира меури, па ја печеме на 220 степени во загреана рерна.

Забелешка
Користам исклучиво палмово масло кога правам симит погачи.
Кога ги преклопуваме тегнетите кори не ги притискаме или сл. и гледаме да остане воздух во нив при преклопувањето. Секоја од нив ја попрскуваме обилно со масло, за да ни биде помрсна питата. Ја печев во Делимано округлата тава бр. 26.
Оризовото млеко во прав го користам затоа што ми се помеки тестата со него.
Сум слушнала дека погачките се прават и со квас од наут кој го имате овде како се подготвува, објавен од нашата Лиле. Јас немам доволно време за вака да ги подготвам и пробам ама доколку имате желба можете и вака да ги направите.
Идејата да направам домашно „производство“ на симит погача потекна од мојата мајка...зошто да се купува кога може да се направи.