Најчоколадниот чили колач
Состојки
- *тесто
- 125 гр. маргарин или путер
- 80 гр. темно чоколадо
- 3 јајца
- 150 гр. шеќер
- 100 гр. брашно
- 1 пециво
- 1/4 лажичка суви чили снегулки
- *фил
- 200 гр. темно чоколадо со висок % на какао
- 250 мл. слатка павлака
- 2 лажици маргарин или путер
- 1/4 лажичка суви чили снегулки
- 1/4 лажичка чили во прав
Подготовка
Ова е едно од омилените чоколадни задоволства на мојата помала ќерка, само што овој пат е со пикантен вкус. Комбинацијата на лутиот зачин со чоколадото е соодветна, при што само го потенцира чоколадниот вкус уште повеќе.
1. Темното чоколадо и маргаринот/путерот се топат на оган и смесата се остава да се излади.
2. Сувите чили пиперчиња се сечкаат во сечко да се добијат чили снегулки.
3. Јајцата се матат пенесто со шеќерот, се додава убаво изладената но течна смеса од чоколадо и маргарин/путер, се мати, се додава просеаното брашно и пециво, сувите чили снегулки, се меша сето и се истура во намастена округла тава бр. 26.
4. Се пече во загреана рерна на 200 степени 20-25 минути. Се лади убаво.
5. Слатката павлака и темното чоколадо се загреваат до вриење со постојано мешање, се трга од оган, се додава маргаринот/путерот, се меша до убаво изедначување, се остава да се излади до густина на фил кој ќе може да се размачкува.
6. Испеченото изладено тесто е сунѓересто, повисоко на краевите, а пониско во средината. Се премачкува со филот и се остава да се стегне.
Се декорира (по желба и вкус) со ситно исечкано свежо чили пиперче.
Вкусот на ова тотално чоколадно задоволство е неодолив, ги буди сетилата, едноставно се ужива додека се вкусува. Пробајте!