Видео рецепт: Посна Грилијаж торта
Состојки
- За ТЕСТОТО ќе ви треба:
- 400 гр. брашно
- 1/2 лажичка сол
- 10 лажици шеќер
- 10 гр. сода бикарбона
- 3 лажици масло
- 250 мл. пиво
- 200 гр. мед
- За ФИЛ ќе ви треба:
- 15 рамни лажици густин
- 1 пудинг од ванила
- 100 гр. оризово млеко во прав
- 1 л. вода
- 300 гр. шеќер
- 300 гр. посно чоколадо со висок процент на какао (45%)
- За ГРИЛИЈАЖ ќе ви треба:
- 100 гр. бадеми (по можност лупени)
- 250 гр. шеќер
Фичо, заедно со неговата гостинка Валентина, готвач член на нашата веб-страница, ќе подготват еден од нејзините најпопуларни рецепти, Посна Грилијаж торта.
Подготовка
Чекор 1: За подготовка на грилијажот растопете го и карамелизирајте го шеќерот, па додајте ги целите бадеми и промешајте. Истурете ја смесата на хартија за печење и распоредете ја рамномерно, па оставете да се излади и стегне.
Чекор 2: Додека се пече тестото пригответе го филот. Во сад ставете 800 мл вода и додадете го оризовото млеко. Додадете го и шеќерот.
Во друг сад со 200мл вода разматете го пудингот од ванила и 15 рамни лажици густин. Измешајте убаво да не останат грутчиња. Кога водата во садот ќе почне да врие, додадете ги размешаните густин и пудинг. Мешајте постојано.
Во текот на мешањето додадете го и чоколадото убаво да се растопи и оставете го кремот да се олади.
Чекор 3: Сите состојки за тестото изматете ги убаво. Смесата сипете ја во 2 Округли тави и печете 15 минути на 180 степени. Откако тестото ќе се излади, пресечете го на 2 дела по хоризонтала, погледнете како тоа го прават Фичо и Валентина во видеото.
Чекор 4: Измелете го изладениот грилијаж. Филувајте ја тортата тесто, фил, грилијаж, тесто... итн.
Чекор 5: Декорирајте ја со преостанатиот фил и грилијаж, па оставете ја да отстои неколку часа во фрижидер пред сервирање. Сервирајте!
СОВЕТ: Грилијажот може да се подготви и со лешници, наместо бадеми. Ако сакате покремаст фил, ставете 2-3 лажици помалку густин.