Бешамел ролат (рецепт од Народен кувар 1976)
Состојки
- Бешамел тесто
- 120 гр путер
- 120 гр брашно
- 500мл млеко
- 6 жолчки
- Фил
- 200-300гр павлака
- 5-6 тенки парчиња свински врат или друго сувомеснато
- 3 варени јајца
- 7-8 кисели краставички
- мајонез за премачкување
Подготовка
Преубав ролат со многу специфична бешамел арома и вкус. За љубители на бешамел како мене, совршен :)
Се приготвува многу едноставно.
Во сад ставете го путерот да се загрее. Кога ќе биде врел ставете го брашното и пржете го. За да проверите дали е путерот готов, посипете прстофат брашно во путерот. Ако се запржи, подготвен е за целото брашно. Брашното треба да се пржи, а не само да го впие путерот, затоа е важно да се проба дали е готов.
Запржете го брашното и додадете го млекото по можност млако. Мешајте да не се направат грутки. Доколку се направат груки, матете со миксер додека не се изедначи. Додадете малку сол по вкус.
Мешајте додека убаво не се згусне.
Оставете го да се олади. За да не се направи коричка покријте го со чинија.
Јас го матев со миксерот на секои 3-4 мин, така и побрзо ќе се олади.
Кога бешамелот е оладен, доадавајте ги жолчките една по една. Додадете жолчка, матете со миксер додека не се изедначи смесата. Додадете друга жолчка, повторно матете и така со сите жолчки.
Смесата истурете ја на плех од шпорет прекриен со хартија за печење. Печете на 200 степени околку 20 минути.
Пожелно е да користите хартија за печење за да можете полесно да го замотате ролатот.
Тестото е готово, филот е по желба. Ролатот на фотографијата е со следниот фил:
- премачкајте го тестото со павлака. Јас користев домашна павлака приготовена по ОВОЈ РЕЦЕПТ.
- наредете ги тенко исечените парчиња свински врат
- над сувомеснатото нарендајте ги варените јајца
- премачкајте со тенок слој на мајонез
- изрендајте ги киселите краставички, исцедете ја водата и распределете ги врз мајонезот.
Внимателно земете ја хартијата во раце и замотајте го внимателно ролатот. Ролатот оставете го во фрижидер да се стегне за да може полесно да се сече.
Пред сечење премачкајте го со павлака.
Според оргиналниот рецепт филот треба да е 250 гр рендана шунка, павлака, сол и бибер. Замотаниот ролат се прелева со врел путер и врз него се ренда сирење.
Преостанатите белки доколку не ги користите веднаш можете да ги замрзнете. Одмрзнати се исти како и свежи. Проверено ;)
Од замрзнати, па одмрзнати бели ги правев ОРАСНИЦИТЕ