Полнет омлет со пилешка салата
Состојки
- за салатата
- 100гр. пилешки гради
- 50гр. кашкавал
- 100гр. маринирани печурки
- 2 кисели краставички
- 3 големи лажици павлака
- 2 големи лажици мајонез
- за два омлета
- 6 јајца
Подготовка
Ова испадна случајна моја идеја за вкусно мезе, ручек, вечера, појадок или што и да сакате. Во обид за комбинации на омлети со најразлични состојки, овој можам да кажам дека ми е еден од повкусно приготвените. Многу е важно што брзо се приготвува.
Најпрво се приготвува салатата. Сите состојки се сечкаат и се мешаат заедно со мајонезот и киселата павлака. Се зачинува по вкус. Јас мојата салата ја сечкав на поситни коцкички, но би ви препорачала, вие состојките да ги рендате за да може салатата подобро да се залепи на омлетот.
За припрема на омлетот многу е важно да користите керамичка тава која не се лепи и да е со дијаметар 26, за омлетот да биде потенок. Јас ја користев големата тава за пржење на делимано.
Прво го припремате првиот омлет. Се матат три јајца, се посолуваат и им се става мелен црн бибер. Омлетот прво се пржи од едната страна, па се превртува со помош на чинија и се враќа пак од другата страна за да се запржи и од таа страна.
Се оставаат омлетите да се изладат, па се филуваат со салатата и се мотаат во ролати.
Јас моите омлети ги украсив со ајвар и пармезан. Комбинации и идеи за вашиот оставам на вас!
На здравје!