Едноставна баклава со чоколадо и лешници
Состојки
- 1 пакетче или помалку (500гр) готови кори
- 250 гр или помалку маргарин
- 200 гр или повеќе црно чоколадо или омилено млечно
- 200 гр крупно мелени лешници
- шербет
- 800 гр шеќер
- 650-700 мл вода
Подготовка
Фичо со видео рецептот ме потсети да го извадам на виделина овој рецепт од архива, иако таму во коментари за еден многу сличен на овој пишував.
Баклава, каква и да е-баклава е. Кај мене репер дали е вкусна и посакувана се моите пребирливци по дома. Штом тие ја јадат со брзина на светлината, значи дека кај многу мина сигурно ќе проаѓа со мерак. А што е најдоброто овде, нема некоја мака. Ептен лесно и брзо се спрема.
Ако користите дебели кори потребна е една, а ако се потенки, можи по 2 да ставате за полесно виткање. Со потенки можи и со една да работите, ако ја исконтролирате количината на фил, да ставите помалку за да не ја кини. Мерките се провизорни и зависат од тоа колку сакате и каков сооднос во филот да ставите, а филот го сочинуваат ренданото чоколадо и крупно мелените лешници.
Начин на подготовка
На умерен оган стопете го маграринот или ако повеќе преферирате путер. Можеби и нема да го искористите целиот маргарин, во зависност од тоа колку парчиња кори ќе посакате да направите и со колку фил ќе ги полните. Во просек, за репер, ви предлагам 3 лажици мешавина од филот.
Врз кората попрскајте со стопениот маргарин. На почетокот со 2 прсти повнатре, по должина распоредете од ренданото чоколадо и лешниците. Страничните краеви свиткајте ги на внатре за да не излегува фил и заролајте ја кората до крај.
Наредете ги корите во намастена тава со погодна димензија. Попрскајте со маргаринот и одозгора и ставете да се печат.
Во меѓувреме спремете го шербетот. Нека врие 5 минути на тивок оган.
Печената баклава потурете ја со млак шербет.