Пица тарт (со лудо тесто)
Состојки
- за *лудото* тесто
- 250 мл. јогурт
- 500 мл. благо млеко
- 40 гр. пресен квасец
- 1 пециво
- 1 кг. брашно
- 3 јајца
- малку сол, масло за премачкување на најлонот
- Фил
- 50 гр. кашкавал рендан
- 50 гр. салама рендана
- 20 гр. бело сирење рендано
- 2 јајца
- 2 лажици кисела павлака
- 1 домат
- 2 лажици кечап
- оригано, шарена сол, куркума
Подготовка
Во мојот тефтер рецепт запишан под име *Тесто за пица* стои од поодамна, а на крајот стои дека тестото стои 1 недела и од него може да се прави пица, мекици, питуличиња ... Така видов дека сум имала и јас една варијанта на лудо тесто.
Го замесив тестото по рецептот и најпрвин ја добив оваа идеја за пица тарт што ја прикажав, а состојките се од затекнатата залиха во фрижидерот.
1. Се замесува тестото од сите наведени состојки, се става во намрсено поголемо најлонче, стои така најмалку 3 часа и потоа може да се прави пица, мекици или што ќе ви текне. Во фрижидер може да стои 7 дена.
2. Се зема тесто по проценка според садот во кој ќе печите, се замесува со брашно понамеко да не лепи. Јас ја употребив тарт тавата на Делимано, па и состојките се прилагодени според него.
3. Тестото го намачкав со кечап, потоа ставив кашкавал, салама, малку сирење, оригано, шарена сол, потоа ја распоредив смесата од маткани јајца со павлака и куркума и на крај круговите домат. Пицата тарт ја печев на 200 степени 20-тина минути.
Тестото беше мекичко, а нормално може да се стави печурки, маслинки, сусам, чајна, свежа пиперка и се друго по ваш вкус.