Ориз со овчо месо и штавељ
Состојки
- 500 гр овчо месо (може и кое било месо по избор)
- 500 гр штавељ (спанаќ или блитва)
- 5 литри вода
- 4 шољи ориз
- масло за пропржување
- сол и бибер по вкус
- Дополнително
- кисело млеко по желба
Подготовка
Едноставен и превкусен ручек кој што може да го приготвите со кое било месо. Не мора да е овчо. Но доколку се решите за овчо, детално ќе објаснам која е процедурата за да нема месото непријатни мириси.
Месото ставете го во лонец да се вари. Доколку го правите оброкот со овчо месо, тогаш првата вода истурете ја веднаш по зовривање или од како убаво ќе се извари оставете да се олади. Маснотијата ќе избие на површина и ќе се здрви и ќе биде бела. Со лажица решетка соберете ја маснотијата.
Вие одлучете дали месото ќе го варите во повеќе води и ќе пробувате на вкус по секоја вода или ќе ја одберете втората варијанта. На вас останува, сепак за вкусови не се дискутира.
Кога месото е убаво сварено извадете го од водата и додадете го измиениот и исецкан штавељ и оризот. Месото нека се олади, исецкајте го и вратете го во лонецот. Мешајте често за да не се залепи и загори оризот.
Нека се вари додека не стане густо по ваша желба. Доколку сакате можете да го оставите да биде густа манџа или како на сликата, да згусне и да може да се црпи со лажица за сладолед.
Додадете сол и бибер по вкус.
Послужено со домашно кисело млеко е феноменален оброк. Пилиштарциве се потепаа од јадење :)
Дополнително:
- Овчо месо дома имаме многу ретко. Кога и да го приготвам на вториот начин (со вадење на стврдната маснотија), никогаш никој не забележал дека е овчо.
- ВНИМАВАЈТЕ со оризот. Ќе го ставите од прилика. Ќе се водите според правилото 3:1 ако сакате да е густо како на сликата. Значи, 1 шоља ориз на три шољи вода (течност). Затоа внимателно во кој лонец/тенџере варите и која количина на течност ја имате. Не можете којзнае колку да погрешите, но јас да си кажам :)
- Најубаво е ако месото е со коска и се крчка на тивко цела вечер и месото само се двои од коската. Совршен рецепт за ќумбе.
- Ние често користиме штавељ, вкусот е речиси ист како спанаќ, но можете слободно да замените со спанаќ или блитва.