Крцкави штангли со путер од кикирики (без печење)
Состојки
- за путер од кикирики
- 200 гр. кикирики (печени, несолени)
- 2 лажици мед
- 2-2,5 лажици светло маслиново масло или сончогледово
- 125 гр. маргарин или путер (стопен)
- 150 гр. шеќер во прав
- 150 гр. бисквити мелени
- 3 лажици крцкави житарки со какао
- 3 лажици бел еурокрем
- глазура
- 50 гр. чоколадо
- 1 лажица масло
- по потреба маргарин или мед, исечкани кикирики
Подготовка
Мирисни, фини, крцкави штангли, не се печат, нема јајца, може да стојат и по неколку дена. Вистинска калорична бомба, заситуваат, па доволно е гриц до два бидејќи содржат путер од кикирики кој обилува со масти, белковини и влакна, и брзо предизвикува чувство на ситост.
~ Фил од кикирики ~
Кикириките се блендираат ситно, се додава медот и маслото, се блендира додека да се добие хомогена смеса (сепак ќе има ситни грутчиња за разлика од купечкиот путер). Ако има потреба од око може да се додаде мед или масло.
~ Бисквитите се мелат, во сад се мешаат со крцкавите житарки со какао, шеќерот во прав, стопениот маргарин и путерот од кикирики. Се меша со лажица, па после со рака.Се додава еурокремет и се изедначува убаво.
Зависно од видот на бисквитите, бидејќи различно впиваат, доколку смесата е посува, може да се додаде маргарин или мед.
~ Во калап (јас користев за бајадера со ширина 5 см и длабина 2,5 см) обложен со најлонска кеса, се распоредува смесата и се става во фрижидер да се стегне.
Чоколадото со маслото се топи на пареа и се премачкува изладениот калап, се посолува со исечкани кикирики. Пак се лади и се сечат крцкави штангли.
~ Пријатно ~