Битолски милиброд - рецепт од прабаба Пена (стариот тефтер на мајка ми)
Состојки
- 1кг брашно
- 40 грама свеж квасец
- малку млеко колку да се раствори квасецот
- 6 јајца
- 2 шољи (од 250мл) шеќер
- 250 гр маст, сало, путер или маргарин
- 4 големи лажици масло
- 200 грама суво грозје
- кора од еден лимон
- 1 пакување (10 гр) ванилин шеќер
- За премачкување
- 1 жолчка, 1 лажица масло и мало лажиче вода (изматени)
Подготовка
Традиционалните, старински, бабски рецепти ми се во срцево. Ги барам по стари тефтери, стари готвачи, по роднини и со многу многу љубов ги приготвувам.
Овој рецепт го најдов во стариот тефтер на мајка ми. Пишан е дека е од баба Цвета. Се јавив кај тетка ми, на Цвета ќерката, да го проверам рецептот и таа ми кажа дека е од прабаба Пена, на баба Цвета мајката. Совршено. Мојата омилена комбинација прастар рецепт во денешно време. Спојот на минатото и сегашноста низ мирисот на истата трпеза низ 100 годишната семејна традиција <3
Брашното, шеќерот, ванилиниот шеќер и кората од лимон ставете ги во садот за месење и убаво измешајте ги.
Квасецот растворете го во малку млако млеко, колку да го прекрие. Според оргиналниот рецeпт се става во млеко со 6 лажици шеќер и се чека да стаса(запени), но јас никогаш не го правам тоа. Само го растварам во млеко или вода.
Јајцата убаво изматете ги со вилушка за да може поубаво да се соединат со тестото. Нема потреба од миксер, со вилушка е сосема доволно.
Маста (путер, маргарин) на собна температура или малку растопена (не врела) додадете ја во садот со брашното. Додадете го и квасецот, сувото грозје и убаво измесете. Ќе добиете масно мазно тесто. Прекријте го и оставете го да стаса, да го дуплира волуменот.
Од како се дуплирал волуменот премесете го и поделете го на помали парчиња за да го формирате по желба. Можете да го расукате во правоаголна кора и да го премачкате со фил по желба (џем, крем, мед и ореви), да сплетете плетенки или да направите ролатчиња што ќе ги сплетете во плетенки.(дополнителни фотографии)
Вклучете ја рерната на 180 степени. Спременото тесто оставете го повторно да стаса. Премачкајте со смесата за премачлкување и печете го покриено да не загори 20ина минути. Тргнете ја хартијата или алуминиумската фолија и печете уште 10-15 минути.
Оставете го убаво да се олади, па сечете парчиња. Не сечете парчиња додека се топли, бидејки тестото е повлажно и ќе се сплеска (слепи).
Дополнително да си кажам што имам :))
- ја прашав тетка ми кога го додале ванилни шеќеров во рецептов, дека нели, прабаба, немало ванилин шеќер. Таа ми рече: од секогаш имале!
Во обиченн шеќер ставале стапчиња ванилин шеќер. Тогаш ми текна дека го имам поставено тој рецепт тука како Домашен ванилин шеќер. Го користев и јас тој долго време, но сега претко наоѓам стапчиња ванила.
- јас не ставив кора од еден лимон, туку кандирани кори од лимон по рецептот за Аранчини на Љиља.
Ставив окулу 50 грама, сомелени во прав на машинка за кафе. Шмекот беше феноменален, но следниот пат ќе ставам повеќе, барем 100грама.
- плетенките направени од ролати ги премачкав со Џем од праски со лаванда
- јас го правев милибродот со сало, тука е поставен рецептот за Подготовка на сало, вие може да користите што ви одговара.
- доколку ви остане милиброд, исечете го на парчиња и така зарзнете го. Вадете парчиња по потреба. Можете брзо да го одмрзнете во мирко печка или во рерна на 50 степени завиткан во кеса. Не грижете се температурата е слаба, нема да ја стопи кесата, а ќе ја задржи влагата во тестото.
Мислам дека се' кажав, се изнапишав :)