Испечати

Просеник (посно)

Просеник (посно)

Состојки

  • 300 гр просо
  • 2-3 лажици мелена леблебија
  • 200-300 гр блитва или 2-3 врзанчиња
  • 1 страк праз
  • 1/2 пециво
  • 1 лажица мешан сув зачин
  • 1 лажичка куркума
  • прстофат сушен магдонос
  • 500 мл вода
  • маслиново масло за пржење
  • сол и бибер по вкус
  • неколку маслинки

Подготовка

1. Блитвата ја миеме и ја бланшираме во вода (може и солена вода), па ја сечкаме на крупно.
2. Празот го сечкаме на ситно и го пропржуваме, на крајот додаваме мешан сув зачин и бибер по вкус. Ги соединуваме блитвата и празот и промешуваме кратко на оган.
3. Во сад го ставаме сомеленото просо, пржениот зеленчук, пецивото, магдоносот и куркумата. Ја досипуваме и водата и промешуваме. Смесата е ретка, ама не грижете се оваа вода е доволно, така треба да биде.
4. Го намаслуваме тавчето бр. 26 ја истураме смесата, фрламе некоја исечкана маслинка одозгора и на крај посипуваме со сусам.
5. Печеме на 200 степени околу 35 минути, додека да порумени. Извадете го од рерна и оставете малку да подизлади, за да убаво се сече.

Забелешка
Можете просото да си го сомелете на машинка за кафе, ама исто така можете кога го купувате во продавнициве за здрава храна, тие да ви го сомелат.
Печев во Делимано округлата тава од колекцијата Делициа.
Во питава можете да ја исклучите мелената леблебија, доколку ви е желба и само со просо да ја направите.