Сочни мафини со ананас и кокос
Состојки
- 1 конзерва ананас
- 5 јајца
- 200 гр брашно
- 2 пудинга бурбон ванила
- 1 пециво
- 125 гр шеќер
- 1 ванилин шеќер
- 150 мл масло
- 2 полни лажици кисела павлака
- 50 мл сок од ананас
- 100 гр кокосово брашно
- 100 гр бело чоколадо
- 1 лажичка рум
- шеќер за посип
Подготовка
Сочни затоа што се навистина такви, влажни, ровки, не се суви, а се со прекрасен вкус, впрочем и состојките зборуваат за вкусот. Беа направени и послужени со повод на повеќе луѓе и како пробуваа така позитивно и со воодушевување реагираа на особениот вкус што го имаат мафиниве.
Ананасот го сечкаме на ситни парчиња и го оставаме убаво да се процеди, задржуваме дел од сокот од конзервата. Сите останати состојки ги ставаме во еден сад и ги матиме со миксер додека смесата убаво да се изедначи. Јас прво изматив, а потоа го додадов кокосот, па пак матев.
Рерната ја вклучуваме на 160-170 степени.
На изматената смеса и додаваме сечкана бела чоколада и парчињата ананас. Промешуваме убаво со лажица.
Во калапите за мафини редиме корпи за мафини и ги полниме 2/3 со смесата. Ги ставаме да се печат додека да поруменат. Откако ќе се изладат ги посипуваме со шеќер во прав. Излегуваат 24 мафини. Конзервата со ананас беше од 500 гр.
Уживајте!