Москва шнит торта
Состојки
- За една кора (потребни се три)
- 5 белки
- 7 лажици шеќер
- 8 лажици мелени ореви
- 1 лажица брашно
- Фил 1
- 15 жолчки
- 15 лажици шеќер
- 500 мл. млеко
- 1 ванила пудинг
- 1 лажица густин
- 250 гр. путер
- Фил 2
- 500 мл. слатка павлака
- 500 гр. вишни
- 1 конзерва ананас
- 150 гр. сецкани лешници
Подготовка
Велат дека да бидеш во Белград - греота е да не пробаш Москва шнит торта која е се служела во слаткарницата на хотелот „Москва“. Tој рецепт се чува во строга тајност и за неа велат - Светско, а наше...
Љубопитност сама да го почувствувам тој сплет на вкусови од ананас, вишни, кој се надополнува со филот и корите од ореви - го направи своето. Изборот за мојот јубилеен 500ти рецепт падна токму на оваа торта. Во принцип се прави во правоаголна форма, се печат четири кори, се сечат шнити- затоа и го носи така името, но нели јас секогаш нешто ќе променам - одлучив да биде во округла форма составена од 3 кори. Напишав дека рецептот се држи во строга тајност... читајки за овој толку популарен рецепт сретнав некаде рецепт кој во спремањето на филовите ме потсети на Охридската торта... , но не беше доволно објаснет... овој рецепт е создаден од консументи кои откако го пробале одлучиле да го направат според вкусот кој го осетиле на непцето... ова е еден од тие прилагодени рецепти. Не се покајав, тортата е одлична, лесна за јадење...
Најпрво што ќке направите тоа е да оствите да се добро исцедат вишните, да го исецкате ананасот кој исто така ќе го ставите да се исцеди. Доколку вишните се од компот, тогаш можете и да ги преполовите.
Се печат три кори, а јас пишувам постапка само за една кора.
- Се матат белките со шеќерот во цврст снег, се додаваат оревите измешани претходно со брашното, со шпатула добро измешајте и добиената смеса ставете ја во модла бр.26 која сте ја послале со хартија за печење. Печете на 170 степени околу 40 мин.
Оставете корите да се изладат, а за тоа време почнете да го спремате филот.
Фил 1
- Издвојте малку од потребната количина на млеко и во него растворете го пудингот и густинот.
- Остатокот од млекото ставете на шпоретот и нека се загрева.
- Сматете ги жолчките со шеќерот, додадете во нив растворениот пудинг и густин.
- Млекото кое веке почнало да се вари тргнете го од ринглата и во него полека истурајте од добиената смеса со жолчките, постојано мешајте за да не ви се згрутчи и да не загорат жолчките. Вратете на ринглата и продолжете да на тивко го варите филот продолжувајки да го мешате. Кога веќе е сварен, тргнете од огнот продолжувајки да го мешате додека малку олади, покријте со стреч фолија за да не ви фати кора.
- Изработете го пенесто путерот, во него додадете го потполно оладениот фил од жолчки постојано матејки се додека не добиете убав кремаст фил и сите состојки се спојат.
Фил 2
- Со миксер сматете ја павлаката.
Оформување
- На тацната која сте ја избрале да стои тортата ставете ја првата кора, премачкајте со 1/3 од жолтиот фил, врз него сецканиот ананас кој малку ќе го притиснете за да се спои со филот, врз него ставете 1/3 од лешниците сецкани, премачкајте со 1/4 од павлаката. Ставете ја втората кора, повоторно премачкајте со жолт фил, врз него добро исцедените вишни, повторно сецкани лешници, повторно павлака и ја поставувате третата кора која исто ја премачкувате со последната 1/3 од жолтиот фил, ананас - лешник и врз него павлака. Тортата веке сте ја оформиле. Со останатата 1/4 од павлаката декорирајте ја тортата.
Декорирајте.
Забелешка
- Кога го варите филот велам да постојано мешате и откако ќе го тргнете садот од ринглата затоа што тој сеуште се вари и може лесно да ви загори.
- Имам овде рецепт како тоа јас го спремам компотот од вишни токму тие вишни се во филот. Потребно е да бидат добро исцедени од сокот, како вишните, така и ананасот. Конзервата ананас ми беше од 1/2 кгр.
- Не е потребно да ги навлажнувате корите. Павлаката се става токму за тоа да ги направи сочни.
- Оревите и лешниците треба да бидат потпечени за да навистина им се осети вкусот.
- Ако нешто заедничко со оригиналниот и прилагоденот рецепт има тоа е дека се посипува со потпечени на листови исечени лешници.
- Наместо лешници можете слободно да користите бадеми.
- Ако се одлучите за правоаголна форма, што ценам дека е навистина поцелисходно да се така спрема, тогаш изматете ги белките и испечете една кора во голема на плехот од рерната, исечете на 3-три дела и така оформете ја тортата. Тогаш ќе се пофалите дека навистина имате Шнит торта. Белградската Москва шнит торта е од 4-четири кори за кои е потребно да ставите 1 белка плус, 6 лажици мелени ореви, 1 лажица брашно, а филот е во иста количина. Се оформува исто како погоре опишаното со тоа што врз четвртата кора не ставате фил (значи останува исти распоредот на филот) дирекно се премачкува целата со преостанатата павлака и се декорира.
Многу напишав, а не е толку тешка да се спрема, текстуално изгледа онака гломазно...
Имав потешкотии околу спремањето јас, но од други причини затоа недостасуваат и повеќе слики од припремата.... Но и покрај тие пречки, јас сепак сум задоволна од тоа што ми кажа непцето...а окото што гледа... не дека не ми е битно,.. но секогаш се тешам со тоа што велам Окото заборава што видело кога Непцето ке почне да зборува... не шепоти, туку на цел глас зборува....
Бон Апетит драги мои!