Тирамису ролат
Состојки
- 30 пишкоти
- 250 мл млеко
- 1 инстант кафе (капучино) со вкус на чоколадо
- 2 жолчки
- 120 гр шеќер во прав
- 200 мл слатка павлака
- 200 гр маскарпоне сирење
- 10 гр желатин
- 50 гр чоколадни трошки
Подготовка
Еве ме и мене со тирамису, ама во една друга верзија, која за мене е особено декоративна.
1. Соединете ги жолчките со шеќерот во прав па ставете ги да се варат на пареа се додека да се добие фина кремаста смеса. Оставете да се лади.
2. Слатката павлака изматете ја.
3. Желатинот прелијте го со 5 лажици вода и оставете го да набабри. Потоа ставете го во сад и загревајте го на пареа да се растопи убаво во густа смеса. Можете да додадете уште некоја лажица вода ако е потребно.
4. Изладената смеса од жолчки соединете ја со изматена слатка павлака, маскарпоне сирење, додадете го и желатинот и чоколадните трошки. Полека измешајте додека да се добие еднолична смеса.
5. Растопете го инстант кафето во млеко.
6. Подгответе најлонска фолија. Топете ги пишкотите во млекото со кафе и наредете ги на фолијата во два реда по 8 пишкоти, за да се добие кора со правоаголен облик.
7. Намачкајте ја кората со половина од подготвениот фил и со помош на фолијата завиткајте ја во ролат. Свиткајте ги краевите на фолијата и ставете го ролатот во фрижидер да се стегне. Направете два вакви ролати.
8. Кога ќе се излади извадете ја фолијата и можете да го посипете со чоколадо во прав.
Забелешка
Во оригиналниот рецепт стои дека се потребни само 16 пишкоти. Мене тоа ми се виде малку, некако естетски не ми беше убаво, многу голем требаше да биде ролатот, така да јас направив два ролати. Во едниот ставив 14 пишкоти, а во другиот 16. Вие проценете си сами колку пишкоти ќе ставите во ролат.
Ако немате инстант капучино ставете инстант кафе или какао, со малку шеќер во млекото, а можете да ставите и рум неколку капки. Испробано е и така е убаво.
Желатинот внимавајте добро да ви се растопи за да нема грутчиња.
Рецептот е убав и со домашно маскарпоне сирење