Капама со ориз и праз
Состојки
- 1 страк праз
- 2-3 црвени суви пиперки
- 3-4 лажици домата
- 1 шоља ориз
- 1 лажица буковска пипер
- 3 шољи вода
- 7-8 месести ребра
- 1 телешка коцка за супа
- по потреба сол
- по потреба мешан сув зеленчук
- по потреба црна пипер
- по потреба масло или свинска маст
Подготовка
Ќе споделам со вас, драги мои, едно старинско јадење, кои го подготвувале нашите прабаби, баби, мајки, свекрви... Сигурна сум, тие што го подготвуваат го делат моето мислење.Јадењево е исклучително вкусно.
Свекрва ми, секогаш за Божиќ, го споменува ова јадење, кое изгледа порано било традиција-редовно си ја подготвувале оваа вкусна капама.
Подготовката лесна и едноставна.
Најпрво се ставаат ребрата (можи и удина со малку мрсничко) да се варат. Во водата им додавам сол и коцка за супа.
Празот ситно се сецка и се пржи на мрснотија. Се додава малку сол. Се додаваат и пиперките на крупно издробени.Кога ова е пропржено се додава доматата, па оризот (истребен и измиен). Се пржи убаво додека почнат да се делат зрната едно од едно. Се трга од оган, се додава пиперта, убаво се изедначува. Ја налеваме водата и тоа половина од вкупната (1,5 шоља) ладна, а другата половина од водата во која ни се вареше месото. Убаво и лесно мешаме, се додека почне да зоврива водата. Ја пробуваме за вкус, па зачинуваме со наведените зачини. Ги редиме сварените ребрата и врз нив можи да наросиме од мешаниот сув зачин и црната пипер. Оставаме да крчка на умерен оган. Кога веќе на половина ни се намалила течноста и оризот е полусварен, ја ставаме тавата во рерна на 200 степени и оставаме да се подпечи и зготви оризот.
На здравје!!!