Слатко и шарено задоволство
Состојки
- Пандишпан
- 3 јајца
- 3 лажици шеќер
- 100 гр сецкани ореви
- 1 лажица какао
- 3 лажици брашно
- 1/2 пециво
- За попрскување на пандишпанот
- 200 мл сок од портокал
- Фил 1
- 300 гр мелени бисквити
- 200 мл сок од портокал
- 1 црно чоколадо
- 125 гр маргарин
- 3 лажици шеќер во прав
- Фил 2
- 250 гр мелени ореви
- 3 лажици шеќер
- 100 мл млеко
- 125 гр маргарин
- 3 лажици шеќер во прав
- Фил 3
- 600 мл млеко
- 6 лажици шеќер
- 2 пудинзи од ванила
- 1 бело млечно чоколадо
- 125 гр маргарин
Подготовка
Ова беше мојата роденденска торта и сите ја пофалија, преубава за јадење и лесна за правење.
За пандишпанот се матат јајцата со шеќерот, се додаваат оревите, брашното, какаото и пецивото, се промешува со лажица, се става во плех бр. 26 и се пече на 200 С, 20 минути. Откако ќе се испече тортата се боцка со вилушка и се попрскува со сок од портокал.
Фил 1 - Мелените бисквити се попрскуваат со 200 мл сок од портокал и се оставаат да го впијат сокот. Маргаринот и шеќерот се матат пенасто со миксер и се додаваат бисквитите и растопено црно чоколадо. Доколку смесата е тврда и неможе да се размачкува на кората, додадете уште малку сок од портокал, затоа напишав од 200 до 250 мл сок.
Фил 2 - Млекото и шеќерот подгрејте ги и попарете ги мелените ореви. Потоа изматете ги пенасто маргаринот и шеќерот, па додадете ги попарените мелени ореви и повторно кратко изматете ги со миксерот.
Фил 3 - Одвојте малку од млекото за да ги разматите пудинзите, а останатото млеко со шеќерот ставете го на оган, па откако ќе почне да врие додадете го пудингот и мешајте додека да се згусти. Тргнете го од оган и додадете го белото чоколадо, мешајте додека да се растопи и оставете го да се излади. Кога ќе се излади соединете го со претходно изматениот маргарин.
Филување - Врз пандишпанот се нанесува прво фил 1, па фил 2, па фил 3 и се декорира по желба.