Полнети модри патлиџани со печурки, урда и јајца
Состојки
- 1 кг модри патлиџани
- 200-300гр печурки
- 200-300гр урда
- 3-4 јајца
- по желба спанаќ, блитва, штавељ
- по вкус сол и бибер
- по желба лук
Подготовка
Лесно и брзо, а тој што сака модар патлиџан ќе лиже прсти.
Сакам да измислувам рецепти, а ги објавувам само кога се добри =))
Овој е од објавените.
Измиените модри патлиџани исечете ги на половина и издлабете ги. Пробував со лажица, тешко ми одеше, па вадев мали парченца со нож. Оставете окулу половина сантиметар од модриот патлиџан.
Печурките исецкајте ги на ситни парченца и пржете ги во врело масло. Кога ќе се испржат додадете ги ситно исецканите внатрешности од модриот патлиџан. Може и да ги изрендате на крупната страна на рендето. Убаво испржете ги и засолете и забиберете по вкус.
Доколку сакате можете да додадете ситно исецкан штавељ, блитва или спанаќ. Убава комбинација е.
Додадете ја и урдата и пропржете колку да испари водата од урдата.
Оставете ја смесата да се олади или замлачи и тогаш додадете ги убаво изматените јајца и лукот. Лукот го дава најубавиот шмек.
Издлабените патлиџани можете да ги премачкате со масло, а потоа да ги наполните со смесата.
Печете во загреана рерна на 200 степени окулу 40 минути или додека да омекне убаво издлабениот патлиџан.
Пријатно јадење!