Доматна чорба со грав и тестенини
Состојки
- 300гр. жолт грав
- 500гр. домати пелати
- 150гр. ситна тестенина
- 170гр. чадена сланина
- 3 чешниња лук
- 1 главица кромид
- 1 поголемо парче целер
- 6-7 гранчиња магдонос
- 1 мало луто пиперче
- 1 гранче свеж рузмарин
- неколку црпакли зеленчукова супа
- по потреба сол, црн бибер, маслиново масло.
Подготовка
Најпрвин ставете го гравот да се вари.
Откако ќе биде до половина сварен тргнете го од оган и исцедете ја водата.
Во тенџерето со грав додајте ги доматите исечени на мали парчиња.
Налејте ладна вода колку да ги покрие, покријте со капак и на тивок оган варете околу 1 час.
Во меѓувреме, исечете ја сланината на мали коцки и запржете ја со маслиново масло и гранчето рузмарин.
Извадете ја сланината настрана и во истото масло додајте ги сецканото лукче, сецканиот кромид, целер и лутото пиперче.
Пропржете ги, па вратете ја сланината во тавата, додајте го и сецканиот магдонос и една неполна црпакла од супата.
Оставете сето заедно да прокрчка неколку минути, а потоа додајте ги во тенџерето со грав и домати.
Посолете, наросете бибер, додајте ја тестенината и по потреба од супата.
Варете додека тестенината омекне.