Испечати

Манастарски чоколадни тортици

Манастарски чоколадни тортици

Состојки

  • 4 јајца
  • 150 гр шеќер во прав
  • 100 гр брашно
  • 1 лажица какао
  • 2 лажици путер
  • 2 и 1/2 лажица млеко
  • 1 лажица шеќер
  • прстофат сол
  • За фил
  • 110 мл млечна слатка павлака
  • 3 лажици шеќер во прав
  • 200 гр чоколадо
  • 30 гр бело чоколадо за украсување

Подготовка

Оваа вкусотија од тортици ми е рецепт од Игуменот на манастирот „Пресвета Богородица“ од Берово. Тортициве ги има сам измислено, при што искомбинирал три рецепти и го добил крајниов резултат. Прекрасни вкусни тортици на кои им фали само целофанско пакување.
Жолчките се матат со шеќерот во прав. Белките се матат со прстофат сол и 1 лажица шеќер. Путерот и млекото ги ставаме на оган за да се стопи путерот. Во жолчките ги додаваме брашното и какаото, со внимателно промешување. Го додаваме и путерот, ама да не е жежок. Мешајќи со шпатула внимателно ги додаваме и белките во жолчките (може и наизменично пр. белки, брашно, какао, путер....).
Печеме на хартија за печење, во правоаголно тавче (најголемото од рерна) на 180 степени, 12 минути. Да лепи на прсти кога ќе се испече.
За филот, слатката павлака со шеќерот ја ставаме на оган за да достигне точка на вриење, не да врие. Ја тргаме на страна и во неа кршиме 200 гр чоколадо и со мешање го топиме. Целата смеса ја ставаме во блендер и ја блендираме додека да се добие една мазна хомогена смеса.
Изладената торта т.е пандишпан го сечеме на половина. Го истураме филот и поклопуваме со другата половина. Оставаме во фрижидер да се стегне. Сечеме тортици и ги украсуваме со стопено бело чоколадо (од кеса со мал отвор).
Доколку сакате, а и игуменот на манастирот така ги прави, можете половина од филот да оставите, па да ги чоколадизирате тортиците и одозгора (да ги исечете, па да ги прелиете со филот).
Забелешка
Брашното и какаото ги просејувам низ цедалка или сито.
Многу е важно да не зоврие павлаката, само да достигне до точка на вриење. Значи, кога ќе се појават први знаци на вриење, односно меурчиња, веднаш ја тргате на страна.