Видео рецепт: Домашни фурнаринки со пинџур (посно)
Состојки
- За ТЕСТО ќе ви треба:
- 500 гр. бело брашно + за расукување
- 500 гр. црно брашно
- 1 лажичка сол
- 500 мл. млака вода
- 2 пакувања сув квасец
- 5 лажици маслиново масло
- 1 лажичка шеќер
- За ПИНЏУР ќе ви треба:
- 1 модар патлиџан
- 2 домати
- 3 зелени пиперки
- малку масло
- Ќе ви треба и:
- Семиња и зачини за попрскување (сусам, ким, оригано, мак итн.)
Фичо ќе ни покаже како да подготвиме домашни фурнаринки, заедно со домашно подготвен пинџур. Овие пости имаме навистина богато мени!
Подготовка
Чекор 1: Во сад за матење ставате пола кило обично брашно и пола кило црно брашно, додадете лажичка сол. Во млаката вода ставете 2 суви квасци, 5 лажици маслиново масло и 1 лажиче шеќер.
Потоа смесата од квасецот ја додавате во брашното и месите додека не добиете меко тесто. Тестото го ставате да нарасне околу 1 час.
Чекор 2: Во тавчето за печење ставете еден модар патлиџан, два патлиџани и три-четири пиперки. Ги ставате во претходно загреана рерна на 200 степени, околу 30 минути.
Чекор 3: Откако ќе нарасне тестото, го расукувате, не премногу тенко, и го сечете во форма на фурнаринки. Ги редите во тавче, ги премачкувате со масло и ги попрскувате со зачини по желба (сусам, ким, оригано итн.)
Ги ставате да се печат околу 10-тина минути, во загреана рерна на 200 степени.
Чекор 4: Потоа ги земате печените зеленчуци, ги лупите и ги разресувате со вилушка.
Во аван толчите 2-3 чешниња лук со половина лажичка сол додека не добиете кремаста смеса. Ги додавате разресените зеленчуци и мешате додека не добиете хомогена смеса. Потоа ја прелевате со 50мл зовриено масло за јадење.
Чекор 5: Ги сервирате фурнаринките со пинџурот во комбинација со овчо сирење (за оние кои не постат).
СОВЕТ: Фичо фурнаринките ги подготви од мешано бело и ржано брашно, но вие може да ги подготвите само од бело брашно, или од комбинација на брашна кои ги имате дома!