Испечати

Телешка крем чорба (во рерна)

Телешка крем чорба (во рерна)

Состојки

  • 600гр. телешка кртина
  • 250гр. свежи шампињони
  • 1 поголема главица кромид
  • 2 чешниња лук
  • 5-6 моркова
  • 1 домат
  • по вкус сол, бибер, мајчина душичка, ловоров лист
  • 200мл. пиво
  • 700мл. вода
  • 1 говедска коцка за супа
  • 200гр. кисела павлака
  • 1 лажичка сенф
  • 1-2 лажици брашно

Подготовка

Ќе кажам само Гордон Ремзи и мора да пробате =)

1. Месото исечете го на коцкички, зачинете со сол и бибер, ставете го
брашното и убаво извалкајте ги парчињата. Морковот исечете го на
покрупни кругови, печурките на четвртинки. Доматот излупете го и
исечете на ситни парчиња, кромидот исто излупете го и исечете го на
малку покрупни парчиња.
Во подлабок сад погоден и за во рерна ставете малку зејтин да се
загрее. Додадете ги парчињата месо и нека се запржат од сите страни.
Потоа додадете го кромидот и протиснатото лукче и оставете сосем малку
колку да омекне. Додадете ги парчињата морков и печурки и повторно
оставете само малку да омекнат. Мешајте почесто за да не загори. На
крај додадете ги и парчињата домат, промешајте и оставете малку да
крчка во течноста што е испуштена.
2. Додадете го сенфот и зачините, промешајте па додадете го пивото и
оставете малку да прокрчка колку да испари алкохолот. Потоа додадете
ја и водата во која претходно сте ја раствориле коцката за супа.
Оставете да зоврие.
Целиот овој процес до тука треба да биде околу 30-35 мин. (состојките
претходно исчистени и исецкани).
3. Поклопете го садот, но не целосно, оставете малку подотворено колку
да излегува пареата и ставете во претходно загреана рерна на 150С да
се крчка 2 часа.
4. Во павлаката ставете малку од течноста од садот колку да се разбие
густината па ставете ја во садот и убаво промешајте. Оставете уште
15тина мин во рерна колку да се спојат вкусовите. Кога ќе го извадите
садот од рерна додадете го и ситно сецканиот магдонос, промешајте,
оставете малку да се излади па послужете.

Добар апетит =)

*Сепак рецептот не е баш целосно ископиран. Оригиналниот рецепт е со
кнедли од сенф, но дома не се баш љубители па ги изоставив.
Дополнување на Ремзи се печурките и павлката кои сметам дека и дадоа
побогат вкус на чорбата.
Вкусот на пиво е многу дискретен, односно може сосем малку да сетите
горчина. Користев светло пиво (тоа се најде дома, а после 19 не може
да се купи ништо друго), но следен пат би користела темно пиво.