Испечати

Шпагети со највкусен сос со туна и зеленчук

Шпагети со највкусен сос со туна и зеленчук

Состојки

  • 500 гр шпагети
  • 180гр туна од конзерва
  • 500 мл доматно пире
  • 100гр бело сирење
  • 300 гр маринирани, сецкани шампињони
  • 1 голема главица кромид
  • 1 зелена пиперка
  • 1 црвена пиперка
  • 1 помало парче брокула
  • 2-3 чешниња лук
  • 1 лажица брашно

Подготовка

Ги обожаваме. Од најмало до најголемо кај нас дома. А и на гостите им е омилен рецепт. Затоа задолжително пробајте!

Во тенџере со вода, со малку масло и сол сварете ги шпагетите, според упатството на пакувањето.

На малку загреано масло пропржете го ситно сецканото лукче и босилекот- свеж искинат или сув наросен. Веднаш ќе почувствувате интересен посебен мирис од оваа комбинација. Не дозволувајте лукчето за поцрвени и загори, веднаш додајте ја целата количина на сецкан кромид и промешајте. Нека омекне кромидот и додајте ги сецканите пиперки. Тие може и да изостанат ако ги немате периодов. Но сепак даваат побогат вкус. Додајте ги и шампињоните. Зеленчукот кој се пропржува не треба да е премногу омекнат, затоа не чекајте многу и додадете го доматното пире. Потоа додадете ги цветчињата брокула. Брокулата треба да се користи што помалку термички обработена бидејки така е најкорисна. Сепак од аспект на безбедност на храната и здравјето јас секогаш препорачувам краткотрајна термичка обработка, заради можното загадување со паразити. Таа расте ниско по градините во дворовите каде имаат пристап домашните животни.
Потоа додадете ја туната во парче, не многу иситнета за да го почувствувате нејзиниот вкус во готовиот сос. Ако е во маслиново масло, тогаш може да го додадете и маслото.
Кога убаво ќе прокрчка, додадете го и иситнетото сирење и зачините (оригано, црн пипер и сл). Сол обично не треба поради тоа што сирењето го дава она што е потребно за овој вкус.
На крај, во едно филџанче во ладна вода разматете една лажица брашно и постепено со мешање додадете го во сосот за да го згусне.
И готово. Сварените шпагети исцедете ги и измијте со ладна вода. Сервирајте и уживајте во прекрасниот вкус..
И... пишете ми. Ви се допадна ли?