Полнети интегрални тортиљи-Quesadilla
Состојки
- 1/2 свеж квасец
- 70 мл млеко
- 1 лажиче шеќер
- 2 лажици брашно
- 2 шољи интегрално пченично брашно (шоља од 250 мл)
- 1 шоља бело брашно
- 1/2 шоља масло (убаво е да е маслиново)
- 1 лажиче сол
- 1 шоља врела вода
- Фил
- 1/2 парче праз
- 2 шољи коприви
- 100 гр бело овчко сирење
- 200 гр рендан овчки кашкавал
Подготовка
Малку да прошетаме по мексиканско-шпанската кујна...
Ако имате готови тортиљи, може и со нив (полесно), а ако сакате домашни, тогаш најпрво квасецот со млакото млеко, шеќерот и двете лажици брашно ставете ги на топло да се активира квасецот.
Потоа, додајте го брашното, солта, маслото, пецивото и со врелата вода замесете тесто кое нема да се лепи.
Поделете го на 10 топчиња. Секое топче расучете го најтанко што можете.
На загреана тава (нема потреба од премачкување со масло) ставете ги тортиљите да се пржат по 20-30 сек. од двете страни, додека не добијат малку темни дамки и на половината од секоја ставете по 2-3 лажици од филот и 1 рака рендан кашкавал. Преклопете ја тортиљата и притиснете ја со некоја рамна лажица (шпатула) и превртете ја да се допече од двете страни.
На крајот секој сендвич-тортиља пресечете го на 4 триаголници.
Убави се и топли и ладни.
Филот можете да го менувате по ваш вкус, често правам и со лут ајвар и кашкавал, меѓутоа можете и со секаков зеленчук, месо, сувомеснато. Битно е да има добар кашкавал кој ќе се растопи и ќе ја сврзе тортиљата.
За овој фил, најпрво ситно исечканиот праз пропржете го на масло, додајте ги исечканите коприви, па на крајот сирењето.
Нека не ве грижи ако тортиљата нема правилна форма, со интегралното брашно не е исто да се работи како со белото.
На здравје!