Медени срца со суво овошје
Состојки
- 3 чаши брашно
- 1 и 1/2 чаши шеќер
- 2 чаши кисела вода
- 1 лажиче сода бикарбона (полно)
- 1 лажица цимет
- 3 лажици мармалад од сливи
- 2 лажици мед
- За полнење и прелевање на медените срца
- 200 гр чоколадо
- 10 суви кајсии
- 4 суви сливи
- 1 рака суво грозје
- 1 рака брусница
- 5-6 суви смокви
- 5-6 суви киви
- 5-6 лажици мед
Подготовка
Моите деца многу ги сакаат овие медени срца, па сакав да ви ја прикажам оваа рецепта, можеби и на вас ќе ви се допадне.
1. Ги мешаме брашното, содата бикарбона, киселата вода, мармаладот, шеќерот, медот и циметот, со миксер (може и со лажица). Смесата ја ставаме во тавче на хартија за печење. Тавчето треба да биде големо, најдобро колку што ви е рерната, бидејќи смесата нараснува, за да не ви бидат многу високи медените срца.
2. Сувото овошје го сечкаме на ситно и го мешаме со 5-6 лажици мед.
3. Откако ќе се испече тестото, го оставаме да се лади и потоа со калапче за колачи - срце, ги вадиме колачињата. На нив ставаме од смесата од суво овошје и мед, по половина лажиче.
4. Чоколадото го топиме на пареа или на најтивко на рингла во тенџерче.
5. Срцата со горниот дел ги макаме во чоколадото. Ако сакате можете и со лажичка да ставате чоколадо врз нив. Како ви е полесно, така правете.
Забелешка
Остатоците од тестото можете да ги промешате со мармалад или со медот и сувото овошје...ако ви остане. Чашите се од 150 мл. Во чоколадото, кога го топиме, ставете и 2-3 лажици зејтин.