Торта од мелено месо
Состојки
- За подлога
- 700 гр мешано мелено месо
- 1 јајце
- 1 парче леб
- 1 мала главица кромид
- 1 чешне лук
- 3 лажици сецкан магдонос
- 1/2 лажиче сол
- 1/2 лажиче бибер
- 1 лажиче црвен пипер
- 1/2 лажиче мајоран
- 1 лажиче мешан сув зачин
- За одозгора - пире
- 4 средни (650гр) компири
- 1 лажица путер
- по вкус сол, бибер и рендано морско оревче
- И уште
- 200 гр цветчина од брокула
- 200 гр цветчина од карфиол
- За прелив
- 2 јајца
- 50 гр ситно рендан кашкавал
Подготовка
Лебот ставете го во малку вода да омекне, кромидот ситно изрендајте го и лукчето ситно исецкајте го.
Во сад ставете го месото, додајте го јајцето, лебот истиснат од водата, кромидот, лукот и сите останати зачини. Смесата измесете ја да се изедначи.
Помала тава (мојата беше 26) намачкајте ја со малку путер и посипете ја со презла. Ставете го месото и рамномерно исплескајте го и со помош на лажица израмнете го.
Ставете го да се пече во загреана рерна на 200 степени 30 мин.
Во меѓувреме излупете ги компирите, исечете ги на плочки и сварете ги да омекнат. Исцедете ги од водата, додајте го путерот, зачините по вкус и испасирајте ги да се добие пире.
Брокулата и карфиолот сварете ги во зовриена вода 3-4 мин малку да омекнат и исцедете ги.
Пирето ставете го во готварски шприц.
Јајцата и кашкавалот изматете ги со вилушка.
Откако месото ќе се запече извадете го од рерната и околу по ивицата на месото нанесете го пирето. На средината наизменично наредете ги брокулата и карфиолот и прелијте ги со преливот.
Вратете ги во рерна да се запечат околу 15-20 мин, додека се зацврсти јајцето.
Јадењето послужете го топло со лепче и салата по желба.
Совет
Оргиналниот рецепт беше без претходно печење на месото. Откако ќе се стави месото во тавата се додава зеленчукот како што објаснив и заедно се печат околу 30 мин, но мене ми беше страв месото да остане не печено и затоа прво го печев.