Ајвар на мој начин

Состојки
- 60 кг пиперки ајварски
 - 32 парчиња модар патлиџан
 - 3 литра масло
 
Подготовка
Време за зимници, за некого тежок, за некого интересен период.
 Сите правиме различни зимници, па затоа овде сме да споделиме и размениме некој рецепт. Еве го мојот рецепт за овогодинешниот ајвар.....
Пиперките ги миеме и ги оставаме да се исушат.
 Го палиме ќумбето и почнуваме со нивно печење.
 Печените пиперки ги редиме во кеси и оставаме да се изладат.
 Откако сме испекле почнуваме со лупење на пиперките.
 Постапката ја повторуваме и со модрите патлиџани.
 Откако сме ги излупиле пиперките и патлиџаните, ги ставаме во цедалка или мрежести вреќички да се исцедат од водата која ја пуштиле.
 Потоа се мелат и се спремни за пржење.
 Најпрво во шерпата го додаваме едното литро масло, па потоа ја префрламе мелената мешавина од пиперки и патлиџани.
 Пржиме додека смесата не почне да се намалува во тавата, па додаваме уште две литри пополека во пржењето. Посолуваме. Пржењето трае подолго, затоа велам дека е најмачен во цела зимница.
Во мојот случај се пржеше приближно 5 часа. 
Ајварот е готов кога ќе почне да се одделува од тавата. Прави пат како што велат постарите. Некој сака да го види маслото над ајварот кога е готов. Јас, не го сторив тоа.
 Кога е готов веднаш се собира во претходно затоплените тегли и се затвара топол.
 Додека го собирам во теглите, ставам друга тава со вода да се затопли. Готовите тегли веднаш ги редам во топлата вода и ги оставам да повријат, да се вакумираат капаците.
 Вака подготвениот ајвар може да стои повеќе години, иако тоа не е случај кај мене. Се јаде додека да трепнеме....
 Времето за подготовка е малку подолго и одзима околу два дена пополека. Вкусот е незаменлив... Минувајќи по уличкиве, мами миризот на топло ајварче... па ајде да ве видам не направете... хаха....
 На здравје со вкусното ајварче и не заборавајте да земете крепа сиренце.