Испечати

Домашен сенф

Домашен сенф

Состојки

  • 110 гр. бел синап
  • 10 гр. сол (2 рамни лажички)
  • 20 гр. мед или кафен шеќер (2 рамни лажици)
  • 60 мл. бела винска киселина
  • 80 мл. вода
  • 2 лажички маслиново масло

Подготовка

Сенф може многу лесно да се подготви, а за тоа ви се потребни само неколку состојки. Ова е основниот рецепт за негова подготовка.
Семето од синапот сомелете го, најдобро во машинка за мелење кафе.

МНОГУ ВАЖНО!
Внимавајте при мелењето машинката да не се загрее бидејќи синапот со загревањето (веќе на 30°) ја губи аромата и добива горчлив вкус.
Штом забележите дека машинката малку се загреала, престанете со мелењето, почекајте 2-3 минути да се олади и потоа продолжете. Количината од 110гр. јас ја поделив на четири дела и потоа секој дел посебно го мелев. Треба да добиете што пофина мелена смеса.
Ставете го мелениот синап во еден сад, додадете ги останатите состојки и измешајте ги убаво. Мешајте ја смесата околу 5 минути. На почетокот ќе биде доста течна, но веќе по 10-тина минути ќе видите како синапот набабрува и смесата се згуснува. Оставете го така во садот околу 2 часа и повремено промешувајте го.
На крај, ставете го подготвениот сенф во тегличка, поклопете со капачето, но не ја затварајте. Сенфот треба преку ноќ да отстои и да фементира. Потоа може да ја затворите тегличката и да го чувате во фрижидер.
На вака подготвениот сенф потребни му се три недели за да „созрее“, на почетокот е многу лут а како отстојува така станува „мек“ на вкус.
За да не ви биде „досаден“ на вкус сенфот, може во него да додадете лук, рузмарин, кари, ѓумбир, мак,....едноставно од обичен сенф направете еден деликатес.
Ете, многу пишување за мала работа, ама сакав што појасно да го објаснам рецептов =)