Макала од модар патлиџан и тиквичка
Состојки
- Макало 1
- 2 модри патлиџани
- 1 чешне лук
- по вкус сол и сосем малку бибер
- 200гр. павлака
- Макало 2
- 1 голема тиквичка
- 1 чешне лук
- по вкус сол
- 200гр. павлака
- по потреба зејтин (за пржење)
Подготовка
Две различни макала, брзи за спремање и вкусни. Може да бидат како прилог за ручек или да си намачкате на лепче и да уживате.
Макало 1
1. Модрите патлиџани исчистете ги, пресечете на половина и ставете да се печат во загреана рерна. Кога се готови, оставете малку да се изладат, па излупете ги и раскинете на парчиња (за полесно толчење).
2. Лукчете исчистете го и ставете го во садот за толчење со малку сол. Истолчете го убаво па додадете ги парчињата модар патлиџан и продолжете со толчење. Кога ќе добиете убава смеса, посолете по вкус и додадете малку бибер, промешајте па додадете ја павлаката. Убаво измешајте да се соедини, префрлете во сад и ставете во фрижидер.
Макало 2
1. Тиквичката измијте ја и исецкајте ја на коцки. Во тава на оган ставете малку зејтин убаво да се загрее и потоа ставете ги парчињата тиквичка да се пржат. Не ги ставајте сите наеднаш затоа што тиквичката ќе се динста наместо да се пржи. Потоа оставете убаво да се изладат.
2. Лукчето ставете го во садот за толчење со малку сол и направете паста. Исцедете ги тиквичките од вишокот зејтин па ставете ги и нив во садот. Овој пат не толчиме туку со лажица убаво промешајте за да се соедини лукчето со тиквичката. Посолете по вкус и додадете ја павлаката. Измешајте, префрлете во сад и ставете во фрижидер.
Добар апетит.
*Најдобро би било доколку ги подготвите од вечер за следниот ден за да може да се стегнат и убаво да се соединат вкусовите.
Во однос на количините, пишав колку мене ми беше потребно за да ги подготвам.