Испечати

Минестроне чорба

Минестроне чорба

Состојки

  • 2 домашни кобасици
  • 1/2 главица кромид
  • 1 страк праз, само белиот дел
  • 1 помал корен пашканат
  • 1 помал корен целер
  • 3 моркови
  • 1 рака грашок
  • 1 рака жолта боранија
  • 2 - 3 лашици ситна леќа
  • 1/3 тиквица
  • 2 - 3 зрели домати
  • 1 рака ситни макарончиња
  • по вкус сол, бибер
  • 1/2 лажичка мајчина душица
  • За песто
  • околу 50 гр чадена сланина
  • 2 чешнина лук
  • 1/2 киска магдонос
  • малку сол

Подготовка

Минестроне е една од чорбите која многу ја сакам. Со мали варијации во употребениот зеленчук се прави во Италија, Франција и на Хрватското приморје.
Еве како јас ја правам.

На кобасиците извадете ја обвивката и исечете ги на парчиња. Во поголемо тенџере загрејте на среден оган неколку лажици маслиново масло, додајте ги кобасиците и запржете ги само да ја променат бојата. Додајте го кромидот исечен на ребра, празот исечен на кругови, пашканатот, целерот и морковот исечени на ситни коцки. Пропржете малку да омекни зеленчукот. Доматите излупете ги, отстранете ги семките па исечете ги на ситни коцки и додајте ги во тенџерето. Посолете и побиберете, додајте ја мајчината душица.
Кога доматите ќе го испуштат сокот налејте врела вода и оставете да зоврие. Додајте ги грашокот, боранијата и леќата. Оставете да се вари покриено, на среден оган додека зеленчукот не е скоро готов. Тиквицата излупете ја, извадете го семето, па исецкајте ја на коцки. Додајте ја во тенџерето заедно со макарончињата и оставете се да се довари до крај.
Во аван истолчете ја сланината исечена на коцки со лукот, магдоносот и солта да добиете паста. Додајте ја во чорбата и нека повари уште десетина минути.
Послужете ја жешка со неколку ливчиња пармезан одозгора и со препечен леб. Ова е густа чорба која може да биде и комплетен оброк.