Испечати

Пита леб

Пита леб

Состојки

  • 3 шољи брашно
  • 1 1/2 лажичка сол
  • 1 лажица мед
  • 2 лажички сув квасец
  • 1 1/4 до 1 1/2 шоља вода
  • 2 лажици маслиново масло

Подготовка

Пита лебот е многу лесно да се направи, а има многубројни намени. Може да се полни со состојки по желба и да се прават најразновидни сендвичи, да биди готова подлога за пица, да се исечи на парченца кои ќе се препечат и ќе се послужат како крекери со дип или ќе бидат додаток на салати, а можеби и самите ќе откриете некој начин за да го користите.

За да ви успее лебот, т.е. за да се надуе и да се створи една голема шуплина мегу двата тенки слоеви тесто важни се само две работи. Сосема тенко да ги расучите топчињата тесто и да ги печете на екстремно висока температура на загреана подлога. Сигурно успева.

Во еден средно голем сад измешајте го брашното со солта и сувиот квасец. Додајте ги маслото, медот и 1 1/4 шоља вода. Мешајте со дрвена лажица додека не добиете груба топка од тесто. Ако не се навлажни цело брашно, постепено додавајте ја уште 1/2 шоља вода. Потоа месете го тестото на работната површина или месете го со миксер околу 10 мин. додека не стане сосема мазно и еластично. Формирајте го во топка, ставете го во лесно намастен сад, покријте го со проѕирна фолија и оставете го да стасува 1 до 1 и пол час.
Стасаното тесто лесно размесете го и поделете го на 8 дела. Секој формирајте го во топче, покријте ги со влажна крпа и оставете да отстојат дваесетина минути.
Загрејте ја рерната на 250 Ц. Ставете го во неа и каменот за печење или плехот од шпоретот, завртен со дното нагоре.
На лесно набрашнета површина расучете ги топчината во кругови со дебелина од 3 - 4 мм.
Ставете 2 - 3 круга на плехот и печете на истата температура 3 - 5 мин. Лебчињата ќе се надуваат како балони и ќе бидат бледи, со неколку златнокафеави точки. Со толку печење ќе останат еластични и откако ќе се оладат, а ако сакате да се покрцкави, печете ги некоја минута подолго.
Веднаш од рерна, завиткајте ги во сува крпа и користете ги по ваша желба.
Јас со овој пита леб го направив фалафелот и табуле салатата на Алексаарс.