Гибаница со 3 вида сирење
Состојки
- 500 гр. кори за пита
- 5 јајца
- 300 мл. газирана вода
- пола пакетче прашок за печиво
- 150 гр. сино сирење
- 50 гр. овчи кашкавал
- 50 гр. бело сирење
- За премачкување
- 1 јајце
- по желба сусам или други семиња
- неколку лажици масло за во смесата и за премачкување
Подготовка
Рецептов настана случајно, во недостиг на друго сирење, а има вкус, да не зборувам за мирис, кој ќе го памтите со денови :)
Подготовката е супер лесна дури и за тие што никогаш не направиле пита.
Изматете ги јајцата, додајте ја газираната вода, малку масло (1-2 лажици), ренданите сирења и кашкавал и на крај прашокот за печиво.
Корите макајте ги во смесата и како купчиња редете ги во намастена тава. Кога ќе ви останат уште 3 кори, редете ги цели врз наредените купчиња, а ако ви останало уште малку од смесата напрскајте ги и првите 2 од овие кори. Последната кора по желба премачкајте ја со јајце или со малку вода, и наросете ја со семиња по желба.
Печете во загреана рерна на 180С, 20-тина минути.
Откако ќе се испече, покријте ја со крпа уште неколку минути и потоа уживајте!
- Количината на сирењата е според тоа што јас употребив, но вие може да ја менувате по желба или моментална залиха дома, но задолжително ставете сино сирење.
- Мислам дека трпи и 50-тина грама несолена Моцарела, или урда, па да биде и со 4 вида сирење, за екстремните љубители. :)