Видео рецепт: Филџан бурек
Денес ќе готвиме заедно со Клара, готвач член на нашата веб-страница. Клара ќе подготви еден од нејзините најпопуларни рецепти, Филџан бурек.
Ова е еден интересен начин на приготвување на бурек што потекнува од турската кујна, кој е многу лесен и брз, а воедно, за љубителите на бурек, и многу вкусен!
Состојки
- 6 готови кори за пита
- 200 грама мелено месо
- 3 средно големи компири
- 1 кромид
- Коцка за супа
- Сол и бибер
- и зачини по желба
За премачкување ќе ви треба:
- 1 јајце
- 1-2 лажици млеко
- 1 лажица маслиново масло
Вид на оброк: Ручек
Комплексност: Средно
Лица: 3
Време на подготовка: 30-60 мин.
За подготовка на овој рецепт користиме Делимано Сет тави за пица, Тава за пржење и Делимано лонец.
Подготовка
Чекор 1: Најпрво сварете ги компирите, па убаво испасирајте ги. Ситно исечкајте го кромидот и пропржете го на малку масло заедно со меленото месо.
Тргнете го од оган и додадете ги пасираните компири, изронетата коцка за супа, сол, бибер и зачини по ваша желба. Убаво измешајте.
Чекор 2: Земете еден поголем филџан за кафе со поширок отвор. Една кора за пита свиткајте ја на 2 или на 4 пати, во зависност од големината на филџанот. Нема потреба од премачкување на филџанот, само обложете ја кората убаво во внатрешноста. Потоа наполнете од филот речиси до врвот.
Чекор 3: Јајцето благо разматете го и матејќи додадете малку млеко и маслиново масло.
Страниците од корите надвор од филџанот виткајте ги навнатре за убаво да се покрие филуваниот дел, притоа премачкувајте го секој свиткан дел за добро да се залепи.
Чекор 4: Малку премачкајте ја округлата тава за пица и превртете го филџанот, смесата лесно ќе излезе. Повторете ја постапката со другите 5 кори.
Превртените парчиња филџан бурек целосно премачкајте ги со преостанатата мешавина од јајце, и по желба наросете ги со сусам.
Чекор 5: Печете ги во загреана рерна на 180 степени 15 минути, или додека не поруменат.
Чекор 6: Послужете на чинија со малку павлака и може веднаш да јадете, додека е топло!
СОВЕТ: Замислете го воодушевувањето на домашните, ако им послужите бурек во ваква „амбалажа“. Доколку не сакате да јадете месо, заменете го со спанаќ, или некој друг зеленчук. Варијациите се неограничени!