Компири со месо во тесто
Состојки
- Тесто
- 350 гр брашно
- 250 гр пченкарно брашно
- 50 мл масло
- 1 лажиче сол
- 300-350 мл топла вода
- За полнење
- 1 кг свинско месо
- 800 гр компири
- 50 гр грашак
- 50 гр сушени домати во масло
- 1 мал морков
- 1 лажица мешан сув зачин
- 2-3 лажици сецкан магдонос
- по потреба сол, бибер и масло
Подготовка
Мојот 100-ти рецепти одлучив да биде наше едноставно јадење, со состојки кои секогаш ги имаме при рака и спремано на малку поинаков начин. Месото може да биде пилешко, телешко или јагнешко.
Најпрво подгответе го тестото.
Во сад ставете го брашното, солта, маслото и со водата замесете мазно тесто. Покријте го со најлонска фолија и оставете го да одмори 30 мин.
За тоа време подгответе го полнењето-филот.
Компирите излупете ги, исечете ги на коцки и ставете ги во сад. Месото исечете го на коцки, доматите исецкајте ги, морковот исецкајте го на кругчиња и додајте ги во компирите. Додадете го грашакот, магдоносот, зачинот, солта и биберот по вкус и измешајте ги.
Тестото поделете го на поголем дел(околу 3/4) за подлога и помал дел (1/4) за одозгора како капак.
Со поголемиот дел развлечете поголема кора да виси околу 1 см над садот (јас користев овален огноотпорен сад, но може да се стави и во тепсија бр.28) и ставете ја во садот.
Наредете го месото со компирите и попрскајте го со неколку лажици масло. Развлечете ја помалата кора и покријте ги.
Превиткајте ја кората што виси со притискање за двете кори да се спојат. Одозгора со малку тесто украсете ја по желба.
Се пече во претходно загреана рерна на 200 степени 30 минути и на 180 степени уште 1 час и покриено со фолија за да не потемне.
Се служи топло со салата.